[Став] Младите и климатската криза

Мила Јовановска

Петок, 5-ти ноември е ден посветен на младите во рамки на Самитот за климатски промени на ОН, кој се одвива во Глазгов, Обединетото Кралство.

Младите се директно засегнати од климатската криза. Тие најмалку придонеле но сепак директно ќе ги чувствуваат најлошите последици во наредните години. Затоа е многу важно тие да бидат вклучени во донесувањето на одлуките, националните стратегии како и во нивната имплементација.

Впрочем, и самата Конвенција за климатски промени (UNFCCC) вели дека: „младите се клучни за подигнување на свеста, водење едукативни програми, промоција на одржливо живеење, заштита на природата, поддршка за обновливите извори на енергија, спроведување еколошки навики и спроведување на проекти за адаптација и митигација.“

На овогодинешниот СОР26 владите ги презентираа националните планови за справување со климатските промени. Нашиот е доста амбициозен, и може да кажеме дека сме лидери во регионот. Но сепак, младите беа исклучени од процесот. Не можеме да се пофалиме дека тие беа активно вклучени во процесот, или барем консултирани.

За да можеме да очекуваме активно вклучување на младите во решавањето на климатската криза, една држава треба да се работи најпрвин на образованието, односно да нуди квалитетни и ажурирани образовни програми за сите возрасти (од предучилишна возраст до универзитет), програми кои ги опфаќаат климатските промени преку интердисциплинарен пристап. Понатаму, треба да се поттикнуваат младите да предовдат климатски активности, да предожуваат идеи/иновации кои би решиле одредени локални проблеми, да се воспостават канали на комуникација со нив како брзо и ефикасно би се споделувале информации.

Како младите самоницијативно да се вклучат во климатска акција?

За да можат да бидат дел од решението, младите мора прво правилно да се едуцираат. Пошироко зборувано, образованието за климатски промени и одржлив развој мора да е вклучено во формалното образование, односно уште од најрана возраст младите да учат на училиште за кои се причините и последиците од климатските промени.

Потоа е неформалното образование што го нудат невладини организации, активисти, формални и неформални групи. Секој треба да истражи кој делува и работи на климатската криза во неговиот град или регион. Следно е да ги исконтактираат и да се здружат во заеднички акции. Во случај да нема нека не се обесхрабруваат, зборувајте со пријатели, роднини и познаници, споделете го
вашето мислење и загриженост за климатските промени, пробудете ја желбата за учење кај другите и здружете се заедно да делувате.

Познавањето на причините за климатските промени би требало да ги освестат младите да преземат иницијатива и за личен напредок, односно менување на своите навики и применување на еко-одговорни практики како користење термос за шише, избегнување на еднократна пластика, пазарење во торби, купување облека и храна од одговорни производители итн.

Гоу Грин и младински еко-актвизам

Во своето 11 годишно постоење, организацијата Гоу Грин има едуцирано илјадници млади од нашата држава. Тоа се многу генерации на млади еко-активисти, кои преку неформалното образование (семинари, обуки, акции на терен…) ја осознаа важноста на индивудуата во борбата со климатските промени, но уште поважно научија како нивниот глас да биде слушнат.

Последните активности на Гоу Грин заедно со Британската Амбасада во Скопје се еко-иновацијата од 5 точаци кои произведуваат струја за проекција на филм како и јаглеродната коцка која на своите ѕидови визуелно ги претставува причините и последиците од климатските промени. Инспирирани од еко-филмот „Живот на нашата планета“ од Дејвид Атенбороу, како и од сликите на коцката – младите од Скопје и Охрид ја запишаа својата заложба на ѕидовите на коцката. Собравме пораки од над 200те млади, заложби од носење платнена торба, станување веган до изучување на климатските промени на универзитет итн.

Пристапот секогаш бил преку едукација да ги освестиме и охрабтиме младите да преземат акција. Со “mind bobs” како визуелното прикажување на 125кг СО2, произведената енергија на лице место, или “аха-момент” дека на пример 125кг е всушност 2 недели возење со автомобил, младите веднаш стануваат жедни за промена и акција. Исто така, со поддршка од Министерството за животна средина и Британската амбасада подготвивме и аудио подкасти „Гоу Грин подкаст за климатската криза“ кои се достапни на Spotify во формат привлечен за младите.

Само преку правилна едукација младите ќе може да преземат значителна и правилна климатска акција. Само преку познавање на фактите и изнесување на вистински аргументи нивниот глас ќе биде чуен и препознаен.

Впрочем, земете ја Грета за пример. Таа беше само една средношколка со голема желба за промена, а сега е пример и предводник на младинската климатска акција.

Како за крај, Конференцијата за климатски промени е многу важна за светските лидери да ги презентираат своите планови, но ние младите мора да правиме притисок за климатска акција, тие договори навистина да се спроведат, да ги потсетуваме дека станува збор за нашата иднина и за нашето секојдневие и здравје кое ќе биде загрозено доколку тие зборови останат само на хартија.

Мила Јовановска, претседателка на „Гоу Грин“ Скопје