[Став] Медиумска писменост и лицата со попреченост

Пишува: Ева Цветковска,
Фото: Мета

Во контекст на нашиот живот денес, поплавен и диктиран од медиумски содржини, ја избрав оваа исклучително важна тема за влијанието на медиумската писменост во однос на лицата со попреченост.

Како член на УРА тимот  -„Учиме да распознаваме“ – советодавно тело во рамки на проектот за медиумска писменост „Младите Размислуваат“, и волонтерка во дневниот центар за лица со попреченост „Пролет“ во Скопје, се надевам дека моето знаење и искуство ќе допринесе до будење на свеста за ова исклучително важно прашање и активни заложби за решенија и позитивна промена.

Медиумската писменост претставува способноста да се стигне до конкретна медиумска содржина, истата да се анализира и процени, но и способноста да се креира медумска порака. Во денешното општество ова е клучна вештина како еден човек би можел да се снајде низ сложениот и постојано движечки свет на медиумите.

За лицата со попреченост, медиумската писменост е особено важна бидејќи влијае на нивната способност да
пристапат до информации, ефективно да комуницираат и целосно да учествуваат во општеството.

Главниот предизвик со кој се соочуваат лицата со попреченост при употреба на медиумите е недостатокот на функции за пристапност. Многу медиумски платформи и уреди не вклучуваат функции како што се затворени титлови (текстуална репрезентација на аудио/визуелниот запис), аудио опис, брајово писмо или толкување преку знаковен јазик, што го отежнува или целосно им го оневозможува пристапот до информации на лицата со попреченост, а уште помалку дозволува да се вклучат и да остварат интеракција со содржината.

Овој недостаток на пристапност не само што создава бариери за лицата со попреченост, туку и ги зајакнува штетните стереотипи и практиките на исклучување. Медумската писменост за лицата со попреченост подразбира знаење и вештини да се надминат овие бариери, односно разбирање на различните типови и начини за пристап до одредени функции на социјалните мрежи. Покрај стекнување на способноста лицата со
попреченост да се снајдат со постоечките функционалности на дигиталниот свет на информации, клучен инструмент во оваа борба е и активното залагање и застапување за создавање пристапни содржини за сите категории на луѓе. Ова значи разбирање на законските критериуми за пристапност и механизмите за пријавување на прекршувања во оваа смисла, како и залагање за унапредување на законската рамка и механизмите на заштита.

Еден позитивен пример за медиумска писменост за лица со попреченост е „The Disability Visibility Project“ кој има за цел да го зајакне гласот на лицата со попреченост преку подкасти, социјални мрежи и останати дигитални платформи. Проектот обезбедува ресурси и обуки за јакнење на капацитетите за медиумска писменост и застапување за пристапност и инклузија на лицата со попреченост до медиумските содржини.

Во денешниот свет каков што го знаеме, јакнењето на капацитетите за медиумска писменост за лица со попреченост треба да биде интегрирано и во формалните образовни програми. Потребно е на учениците и студентите со попреченост да им се обезбедат програми преку кои ќе стекнат знаење и вештини да управуваат со медиумските платформи. Додека учениците и студентите кои немаат попреченост треба да научат за правата на лицата со попреченост и нивната репрезентација во медиумите.

Дополнително, медиумската писменост може во голема мера да влијае врз тоа какво доживување и перцепција постои и се креира за лицата со попреченост генерално, односно потребна ни е критичка анализа на нивното претставување во медиумите.

Негативни и стереотипични прикази на попреченостите само дополнително допринесуваат кон дискриминација и стигматизација, додека позитивни и соодветни прикази може да ги предизвикаат овие ставови и да промовираат инклузивност. Кога медиумските корисници се медиумски писмени, многу е поголема веројатноста да препознаат и да ги предизвикаат штетните прикази на попреченостите и да повикаат на соодветна и инклузивна репрезентација. Ова понатаму ќе доведе до поголема свест и разбирање за прашањата за попреченост, како и поголема социјална вклученост и еднаквост за лицата со попреченост.

Друг пример за позитивна пракса во оваа насока е Националниот центар за попреченост и новинарство во САД, кој нуди обуки и тренинзи за новинари за како адекватно и етички да известуваат на теми кои се однесуваат на попречености. Ова вклучува насоки за употреба на соодветен јазик, избегнување стереотипи и обезбедување пристапност на медиумските содржини.

Медиумската писменост за лицата со попреченост не е само важна за индивидуално омоќување и адекватно позиционирање на едно лице со попреченост, туку и за промовирање целосна општествена промена во насока на разбирање, еднаквост и инклузија.

Медиумската писменост за лицата со попреченост не може да се постигне исклучиво преку индивидуални напори. Медиумските платформи и производителите на уреди мора да преземат одговорност за обезбедување пристапност и промоција на инклузивно претставување на попреченостите во нивните продукти и содржина.

Ова подразбира инвестирање во функции за пристапност, консултации со заедниците на лица со попреченост во однос на дизајнот и содржината, и преземање одговорност при сторени прекршоци на стандардите за пристапност.

Нашиот свет го ткаеме со разновидните нишки на човековото искуство и постоење, и за вистнски да ја видиме убавината на нашата ткаенина мора да се погрижиме секоја нијанса да се рефлектира во огледалото на медиумите. Медиумската писменост за лицата со попреченост е основна вештина за снаоѓање во нашиот свет во моментов. Потребни ни се колективни напори да знаеме да препознаеме штетни содржини и прикази на попреченостите во медиумите и да се бориме против истите како би создале инклузивен и емпатичен свет за секого.

Пишува: Ева Цветковска, член на УРА тимот и волонтерка во дневниот центар за лица со попреченост „Пролет“ 

*Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“ е имплементиран од ИРЕКС заедно со Младинскиот образовен форум (МОФ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Оваа колумна е овозможена со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на ИРЕКС и локалниот партнер Младински образовен форум (МОФ), и не ги изразува ставовите на УСАИД или Владата на Соединетите Американски Држави.