[Став] Ќе донесе ли нешто ново КОП26?

Кенет Рогоф (Kenneth Rogoff)

Целта да се ограничи глобалното затоплување на 1,5° Целзиусови сè уште е достижна, иако изгледите се навистина мали, а патот до таа цел е застрашувачки. Климатскиот самит на Обединетите нации кој се одржува во Глазгов ќе покаже дали политичките напори за постигнување на оваа цел можат да се загреат толку брзо колку што научниците ни кажуваат дека планетата се загрева. 

Додека светските лидери дискутираат на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP26) во Глазгов, постои огромна возбуда околу потенцијалот на зелените извори на енергија. Меѓутоа, суровата вистина е дека фосилните горива сè уште се извор на 80% од глобалната енергија, како што и беше кога владите го потпишаа Парискиот климатски договор со многу фанфари на COP21, пред шест години. И покрај тоа што многу економии сè уште не го вратиле својот БДП на нивото од пред пандемијата, во 2021 година светот е на добар пат да го забележи своето второ по големина годишно зголемување на емисиите на јаглерод диоксид во историјата.

Вистина е дека неодамнешниот главен извештај за Светската енергетска перспектива на Меѓународната агенција за енергија, кој продолжува да биде највисокиот стандард за енергетска анализа, дава оптимистичка нота, ставајќи поголем акцент на она што може да се направи за да се ограничи глобалното затоплување. Меѓутоа, во исто време, „да се одржи во живот шансата за 1,5°C“ се чини дека e толку многу сложено и опфаќа многу променливи елементи, иновации, адаптации и, да, жртви, што е тешко да се согледа како ќе функционира без глобалната цена на јаглеродот што повеќето економисти ја сметаат за неопходна. Конкретно, данокот на јаглерод истовремено ги стимулира и координира напорите за намалување на емисиите и соодветно ги распределува ресурсите, на начини на кои државните планери едноставно не можат да ги постигнат.

Идејата за данок на јаглерод останува политичка анатема во САД; накратко дојде до израз во неодамнешните преговори за буџетот, но додека човек да трепне, горливото прашање престана да биде тема на разговор. Наместо тоа, претседателот Џо Бајден ќе промовира низа разновидни мерки – како што е префрлање на користење електрични автомобили и ставање крај на развојот на фосилни горива – кои се главно добри идеи, но заедно се многу поскапи и помалку ефикасни од данокот на јаглерод.

Европската унија, со својот Систем за тргување со емисии (алтернатива за ограничување и тргување на данокот на јаглерод), постигна поголем напредок во однос на цените на јаглеродот. И покрај тоа, шемата моментално покрива само околу 50% од емисиите на стакленички гасови во ЕУ и овозможува многу бесплатни допуштања. Затоа, не е ни чудо што креаторите на политиките во економиите во развој и економиите со ниски приходи реагираат толку цинично кога од нив се бара да ризикуваат да го забават економскиот развој на нивните земји со цел да помогнат во борбата против климатските промени. Многумина од нив наместо тоа прашуваат зошто глобалните климатски договори не наложуваат сите земји да постигнат слични нивоа на емисии по глава на жител.

Дури и ако на некој волшебен начин се дојде до глобален данок на јаглерод, на светот сè уште ќе му треба механизам за пренос на ресурси и практично знаење на економиите во развој, за да се избегне тие да станат главните испуштачи во иднина. Ја промовирав идејата за формирање наменска Светска банка за јаглерод која ќе биде место за техничка експертиза и со која ќе се олесни размената на најдобри практики и ќе помогне да се канализираат стотици милијарди долари во грантови и заеми за земјите со пониски приходи.

Од суштинско значење е активната поддршка на земјите во развој. Јагленот, кој сочинува 30% од глобалните емисии на CO2, е евтин и го има во изобилие во земји како Индија и Кина. Иако 21 земја вети дека постепено ќе ја укине електричната енергија на јаглен, речиси сите се во Европа и сочинуваат само околу 5% од светските електрани на јаглен. Неодамнешното ветување на Кина дека ќе престане да гради нови фабрики за јаглен во странство е добар почеток. Но самата Кина произведува повеќе од половина од светската енергија на јаглен, а многу други земји, како што е Виетнам, веројатно сега сами ќе градат повеќе фабрики за јаглен.

Покрај тоа, дури и со данок на јаглерод, регулаторите и натаму ќе треба да се справат со огромен број прашања, како што се одлучувањето каде може да се градат ветерните турбини, како може постепено да се исклучуваат наследените електрани на јаглен и до кој степен може да се користи природниот гас како преоден извор на енергија. Бидејќи ветерот и сончевата енергија се повремени извори на енергија, постои силен аргумент за обновен притисок за зголемување на нуклеарната енергија. Ова би вклучувало користење на многу побезбедни современи технологии за изградба на големи електрани и на мали генератори какви што се користат во нуклеарните подморници.

На зелените политички партии можеби воопшто нема да им се допадне идејава, но климатската писменост треба да оди рака под рака со енергетската писменост. За да се постигне „нето-нулта“ емисии на CO2 до 2050 година, кога светот може да има две милијарди повеќе луѓе од сега, ќе мора да се направат некои тешки избори.

Не е лесно да се убедат креаторите на политики и јавноста да се соочат со тие избори. Недостигот на ветер минатово лето придонесе за сегашната енергетска криза во Европа, а лидерите сега се надеваат дека рускиот претседател Владимир Путин ќе обезбеди повеќе природен гас за регионот. Слично на тоа, со зголемените цени на енергија оваа зима, Бајден ги замоли земјите од ОПЕК да произведуваат повеќе нафта, иако неговата влада се обидува да го намали домашното производство на фосилни горива.

Инвестирањето во животната средина, во општеството и во добро управување, чиишто поддржувачи имаат за цел да го задушат капиталот за инвестиции во фосилни горива, е многу актуелно во последно време, па дури и извесно време се чинеше дека нуди солиден поврат. Меѓутоа, со повторното зголемување на цените на енергијата, можеби веќе нема да биде така. Во секој случај, дури и ако напредните економии – можеби вклучувајќи ги САД и непослушната Австралија – забранат истражување на фосилни горива, помалку развиените економии сè уште ќе имаат моќни стимулации да ја прошират експлоатацијата на сопствените ресурси што емитуваат CO2.

Охрабрувачки е што Меѓународната енергетска агенција сè уште смета дека ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 °C е остварлива цел, дури и ако патот е застрашувачки. За жал, останува под знак прашалник дали политичките напори за постигнување на оваа цел ќе се загреат толку брзо колку што научниците ни кажуваат дека планетата се загрева. Според тоа, кога станува збор за климатски самити, може само да се надеваме дека овој пат ќе успее, односно дека 26-тиот пат му е мајката.

Кенет Рогоф 

– – – – – – – – – – –

Кенет Рогоф е професор по економија и јавна политика на Универзитетот Харвард и добитник на наградата на Дојче банка за финансиска економија во 2011 година, и поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд од 2001 до 2003 година. Тој е коавтор на This Time is Different: Eight Centuries of Financial Folly („Овој пат е поинаку: Осум века финансиска глупост“) и автор на The Curse of Cash („Проклетството на готовината“). 

Авторски права: Project Syndicate, 2021.
www.project-syndicate.org

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ