Протести на последниот ден на КОП26 – денеска се очекува финален договор

Во саботното утро во Глазгов се чекаше да биде објавен нов нацрт, додека до попладнето и финален договор на КОП26 – усвоен од преговарачите од сите 197 земји. Синоќа всушност помина крајниот рок за постигнување договор, а низ целиот вчерашен ден се случуваа и протести, кога активистите изразија несогласувања поради недостиг на резултати против климатските промени, објави Би-Би-Си.

На последниот ден на конференцијата, членови на еколошки групи и синдикати беа меѓу оние што пееја „моќта на народот“ додека ја напуштаа арената за да им се придружат на стотиците демонстранти на улицата надвор од сината зона на самитот.

Расположението меѓу активистите стана мрачно кога говорници што беа на самитот ѝ се обратија на толпата, вклучително и 15-годишник од Чад, кој рече дека езерото Чад пресушило за 95% од 1950-тите.

Активистите на Гринпис, пак, одржаа протести во салата на самитот.

Демонстрантите пуштија балони со знак „не се продава“, кои лебдеа кон огромниот глобус што виси одозгора.

Во близина на електрана во Северен Јоркшир, Англија, демонстрант се искачи на врвот на воз.

Групата од кампања „Axe Drax“ рече дека еден од нејзините активисти „го запрел возот“, кој носел дрвени палети и се упатувал кон станицата „Drax Power“.

Сликите на социјалните мрежи покажуваат како активист вее знаме со логото на активистите на „Extinction Rebellion“. Ова беше порака кон „Drax“ – најголемиот емитер на јаглерод диоксид во Велика Британија.

Инаку, Самитот во Глазгов се смета за клучен момент во обидот да се задржи зголемувањето на температурата на 1,5 Целзиусов степен и да се ограничат катастрофалните поплави, шумските пожари и покачувањето на нивото на морето.

Но сегашните ветувања значително нè исфрлија од колосек и сега сме упатени кон загревање далеку над 2 Целзиусови степени.

Споровите околу парите остануваат во центарот на вниманието, а земјите во развој бараат богатиот свет да плати, пренесува Би-би-си.