[Став] Дали е време да престанеме да ги посeтуваме зоолошките градини?

Скоро секоја педа земја во државава се уништува за наши себични потреби, сите медиуми во животната средина се загадени далеку над дозволените граници, масовно се гради во и околу заштитени подрачја и се охрабрува и стимулира ловот и ловниот туризам. А истовремено, под изговор за конзервација на животински видови, животните се затвораат во кафези кои не се доволно добри ни за да преживеат. Целосната негрижа за природата, животната средина и сите единки кои живеат во неа, незаинтересираноста на институциите за заштита на биодиверзитетот при урбанизацијата на околината уште во фазата на планирање и игнорирањето на светските трендови за задржување на природните хабитати се причини што воопшто има потреба од конзерваторски напори. И наместо да се бара коренот на проблемот и решение коешто ќе обезбеди долгорочно зачувување и одржување на екосистемите, се создава ново зло со цел да се замаскира човечката себичност и игнорантност.

Основната намена на зоолошките градини била и останала да пружи доза на забава за луѓето. Некогаш тоа дури вклучувало и затворање на луѓе со потемна боја на кожа за да ги забавуваат останатите. Низ годините се менувале изговорите за задржување на овој архаичен концепт на забава: едукација, подигање на јавна свест, конзервација и други, но, реалноста е дека зоолошките на никаков начин немаат придонесено кон овие цели и останале она што отсекогаш и биле, уште еден човечки бизнис кој заработува од страдањето и болката на другите животински видови. Доказ за ова е форсирањето на одредени популарни видови за прикажување, додека илјадници други помалку познати се истребуваат или се на раб на истребување.

Спротивно на овие изговори, покрај непоправливата штета и зло врз животните, се нанесува штета и на нашите наредни генерации кои добиваат сосема погрешен впечаток и знаење од посетите на овие затвори за животни. Нема ништо едукативно во тоа да се гледаат психички и физички болни животни кои се целосно отсечени од нивните роднини и начин на живот и затворени во простор кој не е ни илјадити дел од нивниот природен хабитат. Нема ништо едукативно од набљудување на птици кои не можат да ги рашират крилјата и да полетаат. Децата од ова нема да научат ништо друго освен дека е нормално да ги затвораме животните како експонати и да го манипулираме нивниот живот за да ја потхрануваме нашата љубопитност за нив. А во денешно време имаме толку многу други подобри извори на знаење, што е бесмислено да им ја одземаме слободата, да ги размножуваме и да ги убиваме само за да можеме да се прошетаме околу кафезите и да се сликаме со нив.

Употребата на зборот „убиваме“ не е случајна. Затоа што, како што неретко излегуваат информации во јавност, животот во зоолошките е погубен за многу од животните во нив. И ова е сосема спротивно од наводните конзерваторски напори на зоолошките. Ниту еден животински вид не е затворен таму за да биде заштитен. Сѐ се сведува на експлоатација, трговија со животни и предвремена смрт. Па дури и убивање на „вишокот“ животни ако се пополни капацитетот на зоолошката.

Во 2017 година, само во Битолската Зоолошка Градина има 65 угинати животни.

Премногу скандали се случија со Скопската и Битолската Зоолошка за тие да продолжат да работат, премногу животни скапо ја платија цената на нашата индиферентност. Можеби е време, еднаш, за промена да направиме исчекор во вистинска насока, да покажеме прогресивност и искрена грижа за животните и да ги затвориме. Нивната инфраструктура може лесно да се пренамени во прифатилишта за повредени, слаби или напуштени животински индивидуи од сите екосистеми, кајшто ќе може тие целосно да се рехабилитираат со единствена цел да се вратат во нивното природно живеалиште. Паралелно можеме да работиме на проширување на заштитените подрачја и да ги интензивираме напорите за нивно зачувување, а со тоа и на сите видови кои живеат во нив. Со голема сигурност тоа ќе наиде на позитивен одзив кај пошироката европска и светска јавност и големите медиуми кои сѐ погласно говорат за заштита на екосистемите и против сите облици на експлоатација на животните.

А како замена можеме да понудиме вистинска применлива едукација на наредните генерации преку активно помагање во рехабилитативните центри и позитивна интеракција со другите видови, со теренски екскурзии во заштитените подрачја, документарни филмови каде што ќе ги запознаат животните во вистинско светло, како и интерактивни работилници каде што ќе научат како да се зачува биодиверзитетот преку заштита на животната средина. Па во иднина ќе имаме многу посвесни и поактивни граѓани кои напорно ќе работат на зачувување на природата и сите нејзини жители.

Давор Пехчевски