Средношколците од приватните средни уште плаќаат за ЈСП, Град Скопје вели дека МОН треба да обезбеди финансии

Учениците од приватните средни училишта според Уставниот суд, од минатиот месец имаат право на бесплатен јавен превоз, но тие уште ги плаќаат билетите за возење во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).

Од Сојузот на средношколци за Радио МОФ потврдуваат дека ниту едно училиште сè уште нема добиено картички за превоз.

„За кратко време ќе поднесеме официјално писмо до Град Скопје (писмото требаше да се провери од адвокат за да се уредат законите и сите тие правни грешки) и затоа процесот ни одзеде малку повеќе време. Ние ги собравме учениците од најголемите приватни средни училишта во Скопје и им кажавме дека и они како училишта треба да прават притисок во Град Скопје“, вели претседателот на Сојузот Берин Мухамед.

Мухамед додава дека од Град Скопје сè уште ги немаат контактирано иако, како што вели, веројатно ја виделе објавата за одлуката на Уставниот суд.

„Штом се прати писмото ќе бараме да се спремаат картички, односно да ги побараат податоците од учениците од приватните училишта и да ги подготват“, посочува тој.

Радио МОФ за ова упати прашање до Град Скопје од каде ни кажаа дека одговорот треба да го бараме во Министерството за образование и наука (МОН) кое како што велат е „надлежно да ја усогласи законската и подзаконската регулатива по Одлуката на Уставниот суд на Македонија“.

„Освен тоа, Министерството е должно да обезбеди средства за Единиците на локална самоуправа кои организираат јавен превоз. Покрај наведените нужни претпоставки за реализација, Општините не поседуваат ниту бази на податоци за приватните средни училишта и немаат увид во тоа колкав е опфатот на корисниците на субвенции, која патем треба да ја обезбеди централната власт. Базите на податоци се во Министерството за образование и до сега не се доставени, а и кога ќе се достават, истите ќе треба да се ажурираат. Без исполнување на нормативно-финансиските предуслови и да се добијат прецизни информации за фискалните импликации по буџетот на градот не може да реализира“, стои во дописот од Град Скопје.

Радио МОФ за ова се обрати и до МОН, но засега оттаму нема одговор.

Уставниот суд на крајот на јануари донесе одлука дека средношколците од приватните средни училишта и тие кои живеат на растојание помало од 2.5 километри имаат право на бесплатен јавен превоз според член 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви и уставно е загарантирано постоење на еднакви услови за достапност до образование.

Судот оцени дека член 41-а став 1 од Законот за средно образование во делот „јавно“ и став 3 во делот „јавното“ не е во соогласност со член 9 и член 44 став 2 од Уставот.

Сојузот на средношколци во април 2022 година подготви предлог-законско решение за бесплатен јавен превоз за сите средношколци. За време на мандатот на претходниот претседател, Лука Павиќевиќ Сојузот овие предлог-измени ги достави до Собранието, а потоа во април 2023 година излезе со соопштение дека доколку пратениците не го разгледаат нивниот предлог, ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд да ја процени уставноста на одредбите во постоечкиот Закон за средно образование.

Актуелниот претседател на Сојузот, Берин Мухамед кога ја презема функцијата во јуни годинава за Радио МОФ изјави дека една од главните негови заложби ќе биде да се оствари оваа иницијатива. Уставниот суд во октомври 2023 година информираше дека ќе поведе постапка за членот 41-а од Законот, по што ја донесе одлуката дека истиот не е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

Ангела Бошкоска 

Учениците од приватните средни училишта имаат право на бесплатен јавен превоз, оцени Уставниот суд