Бесплатен јавен превоз за сите средношколци бара Сојузот на средношколци

Сојузот на средношколци (ССРСМ) денеска до Собранието достави предлог-измени на Законот за средно образование, со кои се бара бесплатен јавен превоз и за учениците од приватните училишта, тие кои живеат на помало растојание од 2.5 километри од училиштата, учениците со попреченост и учениците кои посетуваат феријална пракса. Тие очекуваат измените да се донесат по кратка постапка, со поддршка од сите пратеници. Доколку предлог-законот не се донесе во рок од најмногу 2 месеци, Сојузот најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за да се оцени уставноста на сегашните одредби.

Средношколката Сара Тошева од Американска гимназија Скопје, која е и претседателка на Ученичкиот совет, на брифингот посочи дека тоа што учениците од приватните училишта немаат право на бесплатен јавен превоз, е огромна дискриминација

„Нашите родители ги плаќаат истите даноци, истите такси, а притоа нашите права се оспорени и оневозможени, и сметаме дека ова треба да се смени, иако веќе имаме некоја иницијатива покренато, сепак не се донесува некој закон кој би го решил овој проблем. И затоа ве повикавме денеска и вас, за да делуваме поефективно и да може конечно да се стави крај на тој проблем. Бидејќи освен за одење во училиште, се разбира имаме и други активности како курсеви, итн…“, рече Тошева на денешниот прес на Сојузот.

Претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ, повтори дека воглавно проблемот е за учениците од приватните училишта, кои се вкупно 2.000 од 71.000 средношколци во Македонија.

„Значи е мала бројка во споредба, но нашиот закон што го предлагаме до Собранието веќе цела година, не се однесува само на приватните училишта, бидејќи ние сакаме да го решиме и тој проблем. Меѓутоа размислуваме и за учениците кои живеат на помалку од 2.5 километри од училиштата, а немаат право на превоз, размислуваме за учениците од стручните училишта државни, кои имаат феријална практика во текот на летниот, односно зимскиот распуст, а поради сегашните законски одредби, иако одат на пракса да работат за училиштата, и тоа им е дел од дуалното образование, тие својот превоз го плаќаат и немаат право на бесплатен превоз за феријална практика“, рече Павиќевиќ.

Тој истовремено додаде дека во соработка со Младинскиот образовен форум (МОФ) утврдиле дека и учениците со попреченост, односно, со посебни образовни потреби, кои што се сместени во државните домови, исто така го немаат ова право.

Панде Ефтимов од МОФ истакна дека организацијата активно се залага за лицата со посебни образовни потреби и дека веќе неколку години работат на решавање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат тие.

„Сметаме дека тие треба да ги уживаат можностите и правата еднакво, како и сите други средношколци во нашата држава. МОФ ја поддржува оваа законска регулатива и сметаме дека ќе го намали јазот помеѓу средношколците и јавните услуги. Ова е многу важна мерка за сите млади луѓе, но особено за лицата со попречености, бидејќи едноставно овие лица се дискриминирани на секој начин, па да не придонесеме да бидат дискриминирани и на овој начин, каде што им е оневозможен јавниот транспорт“, рече Ефтимов.

Потпретседателот на Сојузот, Филип Најдовски истакна дека оваа иницијатива и заложба за бесплатен јавен превоз ја започнале уште во 2021 година.

„Со сигурност можам да кажам дека неуморно работевме на решавање на проблемот. Во текот на изминатите неколку месеци, тимот на Сојузот вложи безброј часови анализирајќи, изготвувајќи предлог закон кој што ќе овозможи бесплатен јавен превоз за сите средношколци. За таа цел одржавме средби со клучните чинители, односно со надлежните – со градоначалничката на Град Скопје, со координаторката на мнозинската советничка група во градот Скопје, Клубот на млади пратеници и исто така и со вицепремиерката за политиките за добро владеење“, рече Најдовски.

Павиќевиќ во меѓувреме смета дека овој закон е консензуален и компромисен, откако ги интегрирале сите забелешки кои произлегле од средбите во предлог текстот, па така, очекуваат тој да биде прифатлив за сите пратенички групи во Собранието.

Доколку не се донесе за период од најмногу 2 месеци, Павиќевиќ истакна дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за истиот да ја оцени уставноста на сегашниот закон.

„Знаеме дека слична иницијатаива поднесоа и претставниците на студентите од приватните факултети, и судот мислам дека во тој случај одлучи дека Законот за високо образование, по тој аспект е неуставен, бидејќи правото на превоз, правото на пристап до образование им следува на сите“, заклучува Павиќевиќ.

Инаку, на денешниот настан беше емитувано и кратко документарно видео со кое ученици од приватните училишта зборуваа за нивната потреба од јавен превоз.

Мартин Колоски