Сојузот на средношколци ги повика скопските советници да гласаат за бесплатен јавен превоз и за распустот

Сојузот на средношколци преку соопштение до јавноста ја поддржа предлог-мерката на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со која би се обезбедил бесплатен јавен превоз за средношколците и во текот на летниот распуст, за полесно извршување на вон-наставните активности, но и феријалната пракса кај некои струки.

Од Сојузот додаваат дека со предложената мерка се предлага да се наменат дополнителни 50 милиони денари за организирање и спроведување на бесплатниот ученички превоз, со што оваа буџетска ставка ќе има вкупна сума од 92 милиони денари.

Тие апелираат на политички консензус и ги повикаа сите 45 советници од Градот Скопје да ја поддржат оваа мерка која е во интерес на средношколците.

„Ја потсетуваме јавноста дека барањето на бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци во целата земја беше третата точка од изборната програма на нашиот претседател Лука Павиќевиќ и неговиот тим, која победи на Вториот конгрес на Сојузот во мај 2021 година. Во таа насока, особено нè радува дека Град Скопје презема вакви мерки по средбата која ја имавме со градоначалничката во март годинава како и подоцнежниот состанок со советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на нивниот отворен ден. На обете средби ние ги повторивме нашите барање и добивме гаранции дека градоначалничката и Советот на Град Скопје ќе работат на нив“, велат од Сојузот на средношколци.

Од Сојузот додаваат и дека интензивно работат на изменување на предложеното законско решение за праведен јавен превоз за сите средношколци.