Средношколците ќе се возат бесплатно и за време на летниот распуст

Овој летен распуст околу 23.000 средношколци ќе може да го користат јавниот превоз бесплатно заради посетување дополнителна настава, часови по практична настава, како и за посета на културни, спортски или други активности, одлучи едногласно денеска Советот на Град Скопје на 13-та седница со 35 гласови „за“.

Изминатите години бесплатниот билет им важеше само за време на учебната година, а за месеците од летниот распуст можеа да набават месечен билет по повластена цена, од 600 денари за користење на сите линии, за еден месец, односно за јули или август. Со денешната одлука на Советот на Град Скопје ќе можат да се возат бесплатно.

Од Град Скопје известија дека бесплатниот превоз важи за сите ученици од задолжително средно образование во средните училишта под ингеренции на Град Скопје, како и за оние што учат во државните средни училишта.

Одлуката ја поздравија од Сојузот на средношколци, кои велат дека советничките групи го послушале нивниот повик и ја донеле одлуката со политички консензус.

„Третото ветување на Сојузот полека станува реалност. Нашата работа со Клубот на млади пратеници продолжува. Усогласеното законско решение ќе обезбеди бесплатен превоз за секој средношколец во текот на наставната година, т.е. ќе ги вклучи тие од приватните училишта и тие коишто живеат на помалку од 2,5 километри. Исто така, ќе се обезбеди бесплатен превоз во текот на летниот распуст за тие кои посетуваат феријална пракса. Очекуваме предлогот на закон да биде внесен во собраниска процедура во септември“, додаваат од Сојузот на средношколци.