[Интервју] Берин Мухамед: Финансиско образование, бесплатен превоз и дигитални учебници за средношколците

Новоизбраниот претседател на Сојузот на средношколци, Берин Мухамед, во интервју со Радио МОФ зборува за неговите заложби и планови, посочувајќи дека се потребни промени со наставната програма, материјалите за учење, превозот, но и поефективно сузбивање на училишниот булинг.

Седумнаесетгодишниот Берин Мухамед сега завршува втора година во гимназијата „Зеф Љуш Марку“. Тој вели дека ќе продолжи со идејата за финанскиско образование како посебен предмет.

„Веќе имаше истражување за тоа колку ученици знаат да се снајдат во животот што не’ чека по школото. Во средно училиште влегуваме како 15-16-годишни, малолетни, а излегуваме како возрасни луѓе. Но, голем дел од нас не знаат да отворат кредит, да се снајдат во банка, или да платат некоја сметка. Затоа е важно да имаме финансиско образование. Многу добар предмет, затоа што ќе не’ подготви за животот“, потенцира Мехмеди.

За него е несомнено важно да има бесплатен превоз за сите ученици, без разлика дали доаѓаат од јавни или приватни училишта.

„Имаме едно мото: Годината има 12 месеци, а не девет. Значи, да има платен јавен превоз кога учениците одат и на распуст“, нагласува тој.

Околу постојаниот проблем со учебниците, кои низ годините средношколците не ги добиваа, или ги добиваа оштетени, Мухамед вели дека дел од нив е потребно да се дигитализираат.

„Како средношколец, што сега завршив втора година – три учебници немав во школо. Два воопшто немавме, а третиот требаше да го чекаме нов. Затоа мислам, оние учебници што се со статистики, бројки, пописи, како Историја или Географија, тие учебници да ги имаме онлајн, во електронска форма, затоа што и онака се менуваат на пократок рок отколку останатите, на 5-10 години. Им треба и време за да ги донесат. Подобро тие да ги имаме онлајн, а другите во хартиена форма“, посочува младиот Мухамед.

Државната матура помина контроверзно со обвинувања дека имало многу препишување. Тој е се’ уште млад, нема стигнато да полага државна матура, но за ваквата ситуација вели дека не треба да се покажува прст кон еден виновник.

„Колку што имаат вина оние што го правеле тоа (препишувале н.з.), толку и одговорните да ги следат децата. Затоа како Сојуз на средношколци правиме темелна анализа на целата ситуација, за да може подобро да се одговори на потребите“, вели тој.

Долгогодишен проблем е и меѓуврсничкото насилство. Булингот, според Мухамед, се случува секојдневно во секое школо.

„Пред да бидам младински амбасадор, имав еден проект. Сите статистики беа поврзани со социјалните медиуми. Децата снимаат и постираат некој на часовите. Се зезаат на нечија сметка. Насилството продолжува, кружи. Како решение е добро да имаме пократок рок за да ги користиме мобилните телефони. Додека дојдеме во училница да ги имаме в џеб, ама кога ќе почне часот да се соберат во некоја кутија, па да ги добиеме на одмор, или кога ќе се враќаме дома“, дециден е Мухамед.

Тој се осврнува и на недостатокот на психолози во училиштата, кои треба да се поддршка на учениците во случаи на насилство, или било каква поткрепа со менталното здравје.

„Наместо психолозите да се врзани со администрација, со документи, треба да работат со самите деца. Исто така, во ‘Зев Љуш Марку’ има 2.000 и нешто ученици, а само еден психолог не може да одговори на потребите“, забележува тој.

Инаку, Мухамед има двегодишен мандат да го предводи Средношколскиот сојуз. Тој го замени Лука Павиќевиќ, а досега беше дел од Извршниот одбор на Сојузот и координатор на младинските амбасадори. Новиот средношколски лидер изрази задоволство што Сојузот е обединет. По третиот конгрес на организацијата соопшти дека ја поканил противкандидатка Ива Трпески за прва потпретседателка на Сојузот.

Бојан Шашевски