Сојуз на средношколци: Пратениците да нè контактираат за предлог-законот за бесплатен јавен превоз за сите средношколци

„Денес изминува точно еден месец од доставувањето на предлог-законот за бесплатен јавен превоз за сите средношколци и токму затоа ги повикуваме сите пратеници во Собранието јасно да покажат дека навистина ги поддржуваат средношколците, со што овој предлог ќе го внесат во собраниска процедура и ќе гласаат афирмативно за истиот“, соопштуваат денес од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ).

Сојузот информира дека предлогот е доставен до Собранието на 13 март, а на 17 март претседателот на Собранието ги известил дека текстот е доставен до сите пратеници. На тогашниот прес брифинг, како што велат од Сојузот, било кажано дека доколку предлог-законот не се донесе во рок од најмногу 2 месеца Сојузот ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за Судот да ја оцени уставноста на сегашните одредби.

„Бидејќи станува збор за кратки и несложени измени, Сојузот смета дека пратениците имале доволно време да го разгледаат предлог законскиот текст и да изградат сопствен став по истиот. Потсетуваме дека сегашниот текст е производ на повеќе средби и разговори, така што, дел од пратениците веќе имаат и претходно познавање на проблематиката. Оттука, предлогот е компромисен и консензуален. Очекувајќи предложените законски измени да добијат поддршка од сите пратеници и да бидат донесени по скратена постапка, Сојузот ги повикува координаторите на пратеничките групи и матичните тела да нè контактираат што поскоро“, стои во дописот до медиумите.

Од ССРСМ додаваат дека веруваат дека интересот на средношколците е во интерес на државата, па оттука ги повикуваат пратениците да ги донесат предложените измени на законот.