Сојуз на средношколци: Државната матура ќе биде олеснета, го прифативме компромисот од МОН

Од Сојузот на средношколци информираа дека на вонредна седница одржана синоќа го прифатиле компромисот понуден од страна на Министерството за образование и наука околу државната матура, со кој велат дека државната матура ќе биде прилагодена на состојбата во образованието и ќе биде олеснета за оваа генерација матуранти

Од Сојузот велат дека им биле прифатени три од четирите барања. На матурантите ќе им се олесни полагањето на државната матура бидејќи ќе се обезбедат банки со прашања за интерните испити и овие испити ќе носат повеќе поени при уписот на факултет. Дополнително ќе се намали бројот на прашања и бодови на првиот екстерен испит, а тој ќе се смета за соодветен на сите студиски програми, што значи дополнителни 2 поени при уписот.

„Сегашниот сооднос екстерните испити да носат најмногу 24 поени, а интерните најмногу 12 поени ќе се смени во сооднос екстерните да носат најмногу 20 поени, односно интерните најмногу 16 поени. Министерството за образование и наука преку Владата ќе им издаде препорака на универзитетите да извршат ваква промена во конкурсите. Првиот екстерен испит ќе се смета за соодветен на сите студиски програми што значи дека оценката од овој испит ќе се множи со повисок коефициент. Конкретно, матурантите ќе добијат додатни 2 поени при упис поради оваа промена, а државата ќе покаже грижа за важноста на мајчиниот јазик и литература“, посочуваат од Сојузот на средношколци.

Оттаму велат дека издејствувале наставниците да ги споделат банките со прашања за интерните испити најдоцна 4 недели пред испитот. Овие банки ќе содржат број на прашања 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот, што според Сојузот е значајно олеснување за матурантите бидејќи тие ќе имаат доволно време соодветно да се подготват и за интерните испити.

„Генералното собрание по долга дискусија ја прифати алтернативната понуда на МОН наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, да се намали обемноста на испитот. Истиот ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните од 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања“, посочуваат од Сојузот.

МОН оствари средба со средношколците, се прифатија дел од барањата за државната матура