МОН оствари средба со средношколците, се прифатија дел од барањата за државната матура

По остварената средба помеѓу Министерот за образование и наука, Јетон Шеќири, со Сојузот на средношколци и Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), од МОН информираат дека ќе се споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред интерниот испит со број на прашања три пати поголем од бројот на прашања на испитот.

„Од претставниците на МОН и ДИЦ добивме известување дека ќе биде намален обемот на тестовите по мајчин јазик и дека банките со прашања за интерните предмети ќе бидат достапни најмалку 4 седмици пред полагањето на конкретниот испит“, истакнаа од ОДАС.

Дополнително, ќе им се препорача на универзитетите првиот екстерен испит да биде соодветен на сите студиски програми, а ќе се препорача и промена на соодносот на поените меѓу екстерните и интерните испити при упис, во корист на интерните.

Од МОН велат дека ова се барањата од Сојузот на средношколци за адаптирање на државната матура коишто
биле прифатени од надлежните, а не е прифатен предлогот за одложување на датумот на првиот екстерен испит.

„Имајќи предвид на кој начин оваа генерација на матуранти ја следеше наставата, ние како министерство сме согласни со голем дел од барањата на Сојузот, со цел олеснување на процесот на полагање, и токму во таа насока и ќе воведеме олеснување при полагањето на тестот по мајчин јазик да се намали по обемност, односно да носи од 60 до 80 поени, а не како до сега од 80 до 100 поени. Ова подразбира и дека во
содржината на тестот ќе има намалување на бројот на прашања поврзани со способноста литература, што како предлог од Сојузот на средношколци беше прифатено“, истакнуваат од МОН.

Едно од барањата на учениците околу државната матура – Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет (мајчин јазик – Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура, е прифатено, министерот Шаќири ќе испрати допис до сите универзитети во државата со препорака.