СОНК оди на генерален штрајк од 11 ноември ако не им се исполнат барањата

На денешната седница на Советот, СОНК со одлука го одби предлогот на МОН и Владата за зголемување на платите во образованието и науката за 10%, почнувајќи од април 2020 година.

Оттука, СОНК најави дека ако не им се исполнат барањата, ќе одат на штрајк од 11 ноември, при кој би се прекинал работниот процес во основните, средните и високообразовните институции.

„Советот на СОНК во овој период на помирување до генералниот штрајк, до кога има 15 работни дена, уште еднаш го отвора барањето до МОН и бара предвиденото зголемување да не почнува од април 2020 година, туку наше барање е да почне од 1 јануари 2020 година“, рече претседателот на СОНК, Јоаким Неделков.

СОНК предлага понудените 10 отсто да бидат предмет на договарање, односно, како што рече Неделков, да се понуди поголемо зголемување.

Како придружни барања до МОН се и измени и дополнувања на колективните договори за основно и за средно образование во кои ќе се иницираат регрес за годишен одмор, надоместоци поврзани со превоз на вработените, прекувремените наставни часови кои досега воопшто не се исплаќале, ревидирање на плаќањето во комбинирана настава.

Неделков смета дека е итно барањето за изготвување и потпишување на колективен договор за високо образование и наука кој би бил со период на имплементација од 1 јануари 2020 година.

Тој очекува во меѓупериодот до најавениот штрајк, нивните барања да бидат разгледани и да имаат средба со претстваници на Владата и на МОН.