Сојуз на средношколци: Ученици не добиваат учебници, или ги добиваат оштетени

Сојузот на средношколци реагира дека и оваа година средношколците низ македонските училишта се соочуваат со проблем со недостаток на учебници.

Оттаму велат дека на почетокот на оваа школска година добиле бројни пријави од ученици за оштетени учебници, кои се далеку од употреблива состојба, а во одредени случаи и комплетен недостаток на дел од учебниците. Според Сојузот, вакви ситуации се присутни во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Делчево и други градови, дури и во некои од најголемите средни училишта.

„Проблемот е особено изразен во стручните училишта, специфично за учебниците по стручните предмети, што создава нееднаквост меѓу учениците. Решавањето на проблемот е оставено на самите ученици, кои се принудени да се снаоѓаат со барање на елекотронски форми на учебникот, учење преку слики од врсниците, или најстрашно фотокопирање или набавување на истите на свој трошок. Сојузот ја смета ситуацијата за апсолутно неприфатлива и строго ја осудува неодговорноста на надлежните институции во нивното справување со проблемот. Не може незавршената дигитализација да се користи како изговор за немањето на учебници“, реагираат од Сојузот на средношколци.

Од средношколското претставничко тело велат дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата и апелираат до надлежните проблемот да биде ставен како висок приоритет и активно да се работи на негово решавање.