Средношколците и премиерот разговараа за прилагодување на матурата

Делегација од Сојузот на средношколци на вчерашната средба со премиерот Димитар Ковачевски дискутирале за прилагодување на матурата поради продолжувањето на зимскиот распуст и тринеделниот штрајк во образованието.

Од Сојузот информираа дека во нивната делегација биле вклучени и претставници на Фејсбук групата „Матура 2022“, кои учествувале во консензуалното решение понудено од Сојузот за прилагодување на матурата.

Од Сојузот на средношколци соопштија дека од Владата им било посочено дека рокот за изработка на проектната задача е веќе продолжен. 1.598 ученици кои сѐ уште немаат завршено со овој, клучен дел од матурскиот испит ќе имаат можност тоа да го сторат до понеделник, 16 мај.

“За интерните испити Сојузот успеа да издејствува професорите и оваа година да креираат банки со прашања кои ќе бидат споделени со учениците најмалку три недели пред денот на испитот. Исто така, коефициентите за (не)соодветност на испитите при пресметувањето на поените од минатата година ќе бидат задржани и за оваа година. Прашањата за овогодишните екстерни испити се соодветни на испитите од минатите години, кои се објавени на веб страницата на Државниот испитен центар. ДИЦ во најбрз можен рок ќе изготви Каталог на прашања за екстерните испити, односно истите на матурантите ќе бидат достапни во еден ПДФ документ. Со Претседателот на Владата се согласивме дека прашањата за екстерните испити ќе го опфаќаат материјалот заклучно со март, со што не е опфатен периодот кога беше штрајкот на образовниот кадар. Сојузот презема одговорност да се обрати до оценувачките комисии доколку на испитите се јават прашања од наставниот материјал после март“, велат од Сојузот на средношколците.

Оттаму информираат и дека за сите средношколци, кои можеби ќе бидат спречени да полагаат матурски испити поради вирусот КОВИД-19, Сојузот издејствувал институциите да спроведат дополнителна испитна сесија.