Сојузот на средношколци бара „праведен јавен превоз“ од кандидатите за градоначалници на Скопје

Сојузот на средношколци преку меморандум од шест точки бараат од кандидатите за градоначалник на Град Скопје да се заложат за бесплатен јавен превоз за сите средношколци во текот на целата година, со што велат дека ќе се исправи неправдата во постојниот систем на поддршка за средношколците, како и да се води сметка за еколошката димензија.

Оттука, тие бараат превозот да биде бесплатен за сите средношколци, односно, велат дека досега се вршело дискриминација врз основа на типот на училиштето, дали е државно или приватно. Според нив, тоа не треба да биде основа за доделување на правото на бесплатен превоз.

„Се елиминира растојанието меѓу домот и училиштето како услов за добивање право на бесплатен превоз. Јавниот превоз станува бесплатен и за време на распустите, односно во текот на целата календарска година. Годината има 12 месеци, а не 9. Средношколците не се образуваат само за време на учебната година, а средношколската возраст трае само 4 години“, стои во точките од меморандумот.

Дополнително, во меморандумот се бара и иницирање на промени во постоечката регулатива, доколку е потребно, за да се остварат овие точки.

„Реализација на праведниот и бесплатен автобуски превоз преку годишна автобуска картичка која ќе му следува на секој средношколец. Соработка со останатите единици на локална самоуправа, а преку ЗЕЛС и со централната власт со крајна цел – обезбедување на бесплатен меѓуградски автобуски и железнички превоз ширум земјава за сите средношколци“, се додава во меморандумот.

Тие истакнаа дека им го доставиле меморандумот на двајцата кандидати, и од нив бараат да се заложат тој да се исполни доколку ја добијат поддршката да управуваат со градот.

„Очекуваме во најскоро време и двајцата кандидати да го потпишат ваквиот Меморандум со што средношколците, нивните родители и професори може да бидат сигурни дека многу брзо ќе се реши овој децениски проблем на средношколците и нивното користење на јавниот транспорт“, велат тие.