Со закон ќе мора да се вработи прворангираниот на конкурс во јавниот сектор

При вработување кадри во јавниот сектор, ќе мора да биде избран најдобриот кандидат, односно првиот на листата. Новиот закон, предложен од Министерството за информатичко општество и администрација, со закон ја ограничува можноста на работа да влезат второ и треторангирани кандидати, пренесе Мета.мк.

Освен ова, се забранува и можноста за вработување на определено работно време на раководни места во јавниот сектор и се забранува вработување преку Агенција за привремени вработувања.

Министерот во МИОА, Азир Алиу, денеска ги образложи новините во Законот за јавниот сектор и Законот за административни службеници.

Овие два нови закона наредната недела ќе се најдат на владина седница, а набргу потоа и во Собрание, со европско знаменце.

Во Законот за административни службеници, испитот ќе биде одвоен од огласите, па граѓаните ќе имаат можност секоја недела во определен ден да го полагаат, со што ќе се стопира и злоупотребата на балансерот, бидејќи еднаш внесените матичен број и националност нема да можат да се менуваат.

„Кога веќе се креира профил на граѓанин во тој систем за да може да се полага испитот за администратрои, тие две полиња еднаш само може да ги внесете и никогаш нема да можете да ги измените. Цениме дека со овој процес, со оваа забрана на тие две полиња ќе се избегне промена на националност во системот за полагање на испити“, рече Алиу.

МИОА за овој закон веќе доби виза од странските експерти и од европските институции, а Азири уверува дека со нив ќе се намали корупцијата кај администрацијата и во јавниот сектор.

„Ние длабоко веруваме дека со јасно дефинирани процеси и процедури ќе ги намалиме тие злоупотреби. Исто така идејата е јавната администрација да биде оптимална и од аспект на број и од аспект на сервиси кои ги нуди за граѓаните и работиме паралелно и со овие законски решенија. Јас длабоко ве уверувам дека ќе биде подобрен тој процес но исто така и во дигитализација на процесите каде цело време велиме дека ќе бидеме и потранспарентни и ќе се намали таа корупција во јавната администрација“, рече Алиу на средбата со новинарите.