Минатата година бил намален бројот на вработени во јавниот сектор

Бројот на вработени во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесува 131.183 лица во вкупно 1.332 институции, а во споредба со истиот период претходната година, тој е намален за 1.717 вработени, рече министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, презентирајќи го годишниот извештај за вработени во јавниот сектор.

Од вкупниот број, 19.594 лица се вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција, рече Шаќири, кој додаде дека за овие вработени лица во извештајот не се прикажуваат детални анализи поради законски и безбедносни причини.

Истовремено, тој рече дека бројот на вработени во органите на државната власт претставува 12.2% од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор, односно 15.945 лица.

„Намалување на бројот на вработени има во органите на државната власт. Во 2019 година во органите на државната власт биле вработени 16.522 лица, а во 2020 година овој број е, веќе споменавме 15.945, што е намалување за 577 вработувања или 3%. Но, ако како држава во 2020 година бележиме намалување на бројот на вработени во државниот апарат, тоа не е случај со вработеноста во институциите во некои од клучните сектори како здравството и во детската и социјалната заштита. Во овие сектори извештајот покажува зголемување на бројот на вработени. Тоа илустрира дека новите вработувања се прават онаму каде што за тоа има вистинска потреба“, рече Шаќири.

Од анализата, тој исто така посочи дека најголем број на вработени се во дејностите образование 32%, здравство 19%, управи 14% и комунални дејности на јавните претпријатија 9.6%.

Во однос на образовната структура пак, Шаќири посочи дека во 2020 година е зголемен бројот на вработени лица со високи образовни квалификации. Па така, повеќе од половината, односно 53.62% од вработените лица во јавниот сектор имаат најмалку високо образование, а 2.660 вработени се доктори на науки, додаде тој.

„Во однос на родовата структура, процентот на жени вработени во јавниот сектор е поголем од процентот на мажи и тоа 54,83%, наспроти 45.17%. Просечната возраст на вработените изнесува 46 години. Во однос на етничката припадност, на ниво на цел јавен сектор Македонците се застапени со 74,49%, Албанците со 20,85%, Турците со 2,18%, Ромите 1,40%, Србите се 1,16%, Бошњаците со 0,51% и Власите 0,49%“, рече Шаќири.

Извештајот може да се погледне на следниов ЛИНК.