САД предложија закон за борба против корупцијата на Западен Балкан

Група американски сенатори од Демократската и Републиканската партија презентираа предлог-закон чија цел е поддршка на економскиот развој, трговијата и борбата против корупцијата, вклучително и изготвување закон за специјални санкции за сузбивање на дестабилизирачките активности на Западен Балкан, јавува Радио Слободна Европа.

Предлог-законот, инаку познат како Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан, беше претставен од демократската сенаторка Џин Шахин, претседателка на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка и републиканскиот сенатор Рогер Викер.

Иницијативата доаѓа во време на зголемена загриженост во регионот поради војната во Украина.

Сенаторката Шахин вели дека односот на САД со Западне Балкан е клучен во овој момент, „каде што се очигледни намерите на рускиот претседател Владимир Путин да го прошири своето злобно влијание ширум Источна Европа“.

„Новиот двопартиски закон ја зајакнува трговијата и инвестициите помеѓу САД и Западен Балкан, додека се бори против корупцијата, преку усвојување на специјален закон за санкции против дестабилизирачките актери. Сето ова го отвора патот за пошироки евроатлантски интеграции“, рече Шахин, презентирајќи ја иницијативата на нејзината веб-страница.

Предлог-законот му наложува на државниот секретар да обезбеди техничка помош за секоја земја од Западен Балкан во развојот на националните стратегии за борба против корупцијата.

Тој, исто така, предвидува враќање во законот на две извршни наредби, кои ќе гарантираат овластувања за санкции против оние кои го загрозуваат мирот и стабилноста на Западен Балкан и кои се вклучени во коруптивни дела.

Исто така, предлог-законот има за цел да ги промовира универзитетските партнерства, да го поттикне ангажманот на Мировниот корпус во регионот, да создаде иницијатива за младинско лидерство на Балканот, и како што бараше Развојната финансиска корпорација, отворање на претходно најавената канцеларија во регионот.

Сенаторката Шахин предводеше група американски сенатори кои ги посетија Косово, Србија и Босна и Херцеговина во април поради загриженоста за влијанието на конфликтот во Украина врз Западен Балкан. Нивната посета имаше за цел зајакнување на врските помеѓу Вашингтон и Западен Балкан, соочени со странските напори за поткопување на мирот.

Сенаторот Викер рече дека предлог-законот „ќе испрати силен двопартиски сигнал дека САД се посветени на поддршката на дипломатијата во регионот“.