Со дискусии и проекции Дебатното кино Контра кадар од Битола слави 10 години постоење

Дебатното кино Контра кадар за март и април најавува програма со која ќе ја одбележи 10-годишнината од своето постоење.

Станува збор за независна културна иницијатива која организира општествено ангажирани настани со филмски проекции проследени со дискусии.

„Целта на дебатното кино е поголема вклученост на граѓаните во општествените процеси преку креирање јавен дебатен простор, децентрализација на културата, организирање на граѓаните преку заедничка дискусија и соработка за влијание во носењето на одлуките кои нè засегаат сите, враќање на навиките за користење на јавни институции, промовирање критичко-ангажирана култура и создавање на солидарност помеѓу групите и идна поддршка на иницијативи“, велат од Контра кадар.

Група ентузијаст(к)и од Битола на кои им недостигаше простор за делување во градот решаваат да преземат нешто во врска со тоа. Идејата и желбата стануваат реалност во 2013 година со првата проекција во МКЦ – Битола, а потоа главно продолжуваат во Центарот за култура – Битола.

Низ годините, Контра кадар гостувале во други градови како Демир Хисар и Прилеп, и на фестивали како Д-фестивал, Дојран; Слободна зона, Виница; Филозофски филмски фестивал, Скопје; Акто, Битола; Slow Food Macedonia и др. Иницијативата која започна од Битола беше инспирација и за млади луѓе од Куманово и Скопје кои ја проширија истата идеја и во своите градови.

„Едни од главните амблеми на Контра кадар се тоа што во најголем дел од постоењето, програмата и преведувањето на филмовите се прават волонтерски, бесплатно се користат јавните простори каде што се одржуваат проекциите и се нуди бесплатен влез за сите посетители. Во рамки на иницијативата Контра кадар постои и библиотека која започнува во 2017 година и работи на принципот остави-земи“, додаваат од Дебатното кино.

Програмата на јубилејот стартува на 15 март во НУ Центар за култура, Битола со првата проекција на тема вештачка интелигенција, а продолжува на 24 март со проекција на тема ретки болести. На 1 април следува тема психотерапија, а на 6 април ќе се дискутира за предизвиците на феминизмот денес. Последната проекција од овој роденденски циклус ќе биде посветена на кратки анимирани филмови на Дарко Марковиќ (Дар-Мар) на 7 април, по која ќе следи и роденденска журка.

Настаните ќе се одржуваат во малата сала на Центарот за култура во Битола, а ќе започнуваат од 19:30 часот.