Смртни закани кон српскиот портал „Маглочистач“, медиумските здруженија бараат заштита за новинарите

Регионалната платформа за Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 7.800 членови, меѓу кои и од ЗНМ, најостро ги осудува смртните закани насочени кон порталот „Маглочистач“. Мрежата ги повикува државните органи на Република Србија да преземат соодветни чекори за идентификација на авторите на овие опасни закани и соодветно да ги санкционираат.

Коментарите објавени под написот на порталот „Маглочистач“ кој е со седиште во Суботица, содржат експлицитни закани за членовите на редакцијата – дека тие ќе бидат „заклани како зајаци“ и дека нивните „крајници ќе бидат уништени од чизми“. Причината за заканите беше статијата „Ние сме сите Госа работници, а сите владетели се Лабани“ објавена на 4 септември, каде се известува за смртни закани од градоначалникот на Суботица Богдан Лабан, насочени кон еден од неговите колеги во партијата.

„Заштитата на новинарите во Србија е неефикасна и бројот на закани, особено преку социјалните мрежи, се зголемува константно. Се повеќе и повеќе поединци дејствуваат сами или им е наложено да испраќаат ужасни закани за новинарите само затоа што ја вршат својата работа. За жал, новиот механизам за заштита воспоставен на крајот од 2016 година од страна на полицијата, обвинителството и новинарите и медиумските организации не постигна никакви резултати“, рече Светозар Раковиќ, Генерален секретар на Здружението на независни новинари на Србија и додаде: „Со тоа што јавно не ги осудуваат нападите врз новинарите и медиумите, јавните службеници тивко ја поддржуваат политиката на неказнување и како такви немаат право да зборуваат за слободата и демократијата на европскиот пат на Србија“.

Регионалната платформа го поддржува НУНС и ги повикува српските институции да ги спроведат меѓународните стандарди за заштита на новинарите, нивната безбедност и слободата на изразување кои се вградени во националното законодавство. Ова ќе обезбеди слободни и безбедни работни услови за новинарите и медиумите.

Од почетокот на годината НУНС има евидентирано 22 случаи на напади и закани врз новинарите во Србија, вклучувајќи го тука и последниот инцидент.

Регионалната Платформа силно ги поддржува новинарските и медиумските организации во напорите за заштита на новинарите и слободата на изразувањето. Според неа секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.