Слика на Бенкси во чест на здравствените работници продадена за 14,4 милиони фунти

Слика на Бенкси, на која е прикажано момче кое игра со кукла-суперхерој медицинска сестра, беше продадена за 14,4 милиони фунти кои ќе бидат донирани на група организации кои нудат поддршка на британскиот здравствен систем.

Насловена како „Пресвртница“ (Game Changer), сликата на анонимниот уличен уметник првично се појавила во фоајето на Општата болница во Саутемптон за време на првиот бран од пандемијата со Ковид-19. Делото било доставено во болницата во мај минатата година со порака на која пишувало: „Ви благодарам за сè што правите. Се надевам дека ова малку ќе ви го осветли местото, иако е само црно-бело“.

Сликата висела во близина на одделот за итни случаи и вработените за Би-Би-Си тогаш рекле дека помагало во подобрување на моралот. Во болницата и понатаму ќе остане копија од ова дело.

Од аукциската куќа „Кристи“ соопштија дека оваа цена е највисока во историјата за дело со големина од 1×1 метар.