Skrillex ќе го отвори годинешното издание на фестивалот „Sea Dance“

Една од најзначајните музички икони на денешницата Skrillex, ќе настапи на 14 јули на плажата Јаз во Будва, на отворањето на „Sea Dance“ фестивалот. Со вкупно осум освоени „Греми“ награди, Skrillex во моментов го држи рекордот меѓу изведувачите на електронската музика и е еден од петте најплатени електронски музичари според „Форбс“ листата.

Овој повеќекратно наградуван американски продуцент ја надминува електронската музика и како официјално еден од десетте највлијателни музичари на денешницата, на „Billboard Social 50“ листата се наоѓа со повеќе од четири милијарди „Јутјуб“ прегледувања, 20 милиони „Фејсбук“ фанови, пет милиони на „Твитер“ и четири милиони следбеници на „Инстаграм“.

Sonny John Moore музичката кариера ја започна како пејач и гитарист на култната американска група „From First To Last“, со која дури одеше и на „Warped“ турнеите во периодот од 2004 до 2007 година. Набрзо потоа заплови во самостојните води како изразито талентиран продуцент и за многу кратко време постигна планетарна популарност благодарение на сингловите „Scary Monsters and Nice Sprites“ и „Bangarang“, но и преку различните музички проекти со бројни великани од електронската сцена. Во текот на минатата година, заедно со хитмејкерот Дипло го објави албумот под наслов „Jack Ü“, кој на неодамнешното доделување на „Греми“ наградите, му донесе нови две златни грамофонски статуетки и тоа за најдобра денс нумера „Where Are You Now“ која ја направи во соработка со Џастин Бибер, како и за најдобар денс албум „Skrillex and Diplo present Jack Ü“.