Скоро 30% повеќе починати од Ковид-19 минатата недела регистрира извештајот на ИЈЗ

Изминатава недела во Северна Македонија биле пријавени 260 смртни случаи од Ковид-19 што е за 27,5% повеќе во однос на неделата претходно, покажува новиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 29 март до 4 април. Најголем дел од починатите лица биле над 60 години – 215, додека 27 починати лица имало возраст од 50-59 години, 13 лица од возрасната група од 40-49 години, 4 лица од 30-39 години и едно лице од 20-29 години.

Изминатата недела регистрирани биле вкупно 7.933 нови случаи на коронавирусот, што пак е зголемување од 4,9 проценти во однос на претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 44,5%, додека највисока неделна инциденца од 583,3/100.000 е регистрирана во подрачната единица на ИЈЗ во Кавадарци.

Процентот на позитивност во споменатиот период во просек изнесувал 29,3%.

Меѓу новозаболените најзастапена била возрасната група на лица на возраст над 60 – 30,2%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 – 17,9%, 30-39 – 17,8%, 40-49 – 16,6% и 20-29 – 11,6%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години – 1,2% и 10-19 години – 4,8%.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.861 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 19,8% во споредба со минатата недела.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 29 март до 4 април, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија можете да го најдете на веб страницата на Институтот за јавно здравје.