ИЈЗ: Намалување од 48,3% на бројот на новозаразени со Ковид-19

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува на периодот од 10 до 16 мај, во земјава се регистрирани 674 нови случаи на Ковид-19 од 31 град во државава, односно намалување од 48,3% во однос на минатата недела, објави Министерството за здравство (МЗ).

Истовремено се тестирани вкупно 16.773 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 6,3% во однос на минатата недела.

„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 280 или 41,5%, со неделна инциденца – 45,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 94,1/100.000 е регистрирана во Кратово. Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 1,8% до 7,2%, просечно 4,0%“, се додава во извештајот на ИЈЗ.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, во извештајот се посочува дека со статус „оздравени“ се стекнале 2.646 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 36,0% во споредба со минатата недела.

Од Ковид-19 во анализираниот период починале 65 лица од 15 градови, што претставува намалување од 38,1% во однос на минатата недела. Во однос на возраста пак, 56 лица биле над 60 години, 7 лица на возраст од 50-59 години, 1 лице на возраст од 40-49 години и 1 лице на возраст од 30-39 години.

Откако на 17 февруари во земјава започна вакцинацијата против Ковид-19, заклучно со 16 март, вакцинирани се вкупно 207.219 лица со барем една доза вакцина, додека комплетно се вакцинирани вкупно 31.599 лица.

„Заклучно со 16.05.2021, аплицирани се 28.594 дози на Pfizer/Biontech (19.691 со прва доза и 8.903 со втора доза), 44.890 дози на Sputnik V (22.871 со прва доза и 22.019 со втора доза), 24.995 дози на AstraZeneca и 108.740 дози Sinopharm“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 10 мај до 16 мај 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.