Само Тетово од поголемите градови нема јавни тоалети – таму каде што има, граѓаните се жалат на условите

На социјалните медиуми граѓаните често наидуваат на фотографии на кои се гледаат деца, но и повозрасни лица како вршат физиолошки потреби на јавни простори низ градовите. Таквите објави пак се проследени со осудувачки коментари, но граѓаните и често адресираат дека во градовите не постојат јавни тоалети кои може да се искористат, и дека тие не се одржуваат, за да се избегнат такви ситуации.

Радио МОФ преку Инстаграм анкета ги праша корисниците за тоа дали користеле јавни тоалети и какви биле условите во нив. Повеќемина од нив коментираат дека условите во јавните тоалети каде што биле се во ужасна состојба, други пак коментираат дека не ги користат, туку одат во кафулињата и на бензинските пумпи.

„Единствено сум влегол во парк до кафичот до езерцето, кој е во ужасна состојба“, коментира еден од корисниците.

„Трауматично и гадно секаде. Нечисто и манијаци има“, коментира друг корисник.

„Како да знаеш дека некој е турист? Оди во јавно веце – Битола“, стои во друг одговор.

Друг корисник ни искоментира дека нема доволно јавни тоалети.

„Нека направат повеќе и нека се плаќаат, али нека бидат по 20 денари. И нека се одржуваат како што треба, а не да бидат како внатре да се снима хорор филм“, стои во неговиот одговор.

Но, колку навистина има јавни тоалети во поголемите градови и колку е важно во пандемија физиолошките потреби да се извршуваа во систем на канализација?

Според податоците до кои дојде Радио МОФ, од поголемите градови во Северна Македонија како Прилеп, Битола, Тетово и Скопје вклучително и туристичките места како Охрид и Дојран, само во Тетово нема ниту статични ниту мобилни јавни тоалети на територијата на градот.

Во Скопје пак, кој неофицијално се смета за милионски град, на целата територија има само три јавни тоалети, односно, еден се наоѓа на кејот под мостот „Гоце Делчев“ и два се наоѓаат во градскиот парк.

Сепак, од градот за Радио МОФ рекоа дека тие имале во план да спроведат повеќе активности во оваа насока.

„Но, поради појавата на глобалната пандемија со корона вирусот, се променија плановите и приоритетите на Градот и истите не беа реализирани“, стои во нивниот одговор.

Во Дојран има четири јавни тоалети, а некои од нив се сместени во централното градско подрачје, паркот, и долж патеката во Стар Дојран. Во Прилеп и Битола има статични јавни тоалети, додека во Куманово се поставени мобилни тоалети. Во меѓувреме, во Охрид во строгиот центар исто така постојат статични јавни тоалети, а од општината информираа дека во изминатиот период започнале со поставување на мобилни тоалети и долж охридските плажи.

Во однос на Тетово, оттаму за Радио МОФ посочија дека моментално се во фаза на анализа, која ги вклучува и искуствата на другите градови, со цел да се испланира на кои локации би биле тие составени и за трошоците кои ќе произлезат за нивното поставување и одржување.

„Несомнено е дека секој град треба да има јавни тоалети, но сепак мора да бидеме и внимателни каде се тие поставени и
како ќе се одржуваат со оглед на искуствата од другите градови во земјава и свето  каде неретко овие јавни тоалети поради несоодветно одржување стануваат и извор на нехигиена“, се додава во одговорот на Општина Тетово.

Што се однесува на поставувањето јавни тоалети со цел зачувување на јавното здравје во земјава, во изјава за Радио МОФ, директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ вели дека оваа организација која ги обединува сите 80 општини на територијата на земјава нема никакви активности на тоа поле.

„Нема ништо, немам што да ви изјавам во врска со тоа. Значи тоа не дошло до ЗЕЛС како приоритет на општините и ние немаме никаква активност поврзана со тоа“, изјави кусо Перишиќ.

Таа истовремено додава и дека не постои стратегија за такво нешто и дека не е направено ништо, од причина што, како што посочи, „се решаваат најитните приоритети на општините и она што е од голема важност за граѓаните на тие општини“, додавајќи дека овој проблем уште не дошол на дневен ред.

Во меѓувреме, Раководителот на одделот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје, Михаил Кочубовски покрај тоа што коментира дека вршењето физиолошки потреби на јавен простор не е убаво и естетски, тоа претставува и ризик по здравјето на населението.

„Посебно на децата кои се ранлива популација, тие не гледаат кај трчаат, едноставно не гледаат што фаќаат, може да стават и во уста, така да може и заболувања да се јават, посебно ако има некое цревно заразно заболување тој што го направил тоа, претходно“, вели Кочубовски.

Па поради тоа, тој посочува дека таквата активност воопшто не е препорачлива и дека треба да се избегнува, па затоа треба да постојат и јавни тоалети.

„Значи, тоалетите се потребни, затоа што не знаете кога ќе излезете со мали деца, ајде тие што се со пелени… него тие мали деца што не носат пелени, па и за возрасни, посебно стари, едноставно треба да има тоалети, јавни тоалети, кои треба хигиенски да се одржуваат и едноставно заради одржување на физиолошки потреби на луѓето. Секако и за оние бездомници, за да имаат каде да појдат едноставно“, вели тој.

Исто така, тој ја адресира и состојбата и здравствената состојба на луѓето кои имаат такви потреби, доколку нема јавни тоалети, додавајќи дека тоа претставува оптеретување на организмот и евентуално зголемување на крвниот притисок кај луѓето.

Потоа, Кочубовски повторно истакнува дека покрај тоа, проблемот е и ризикот по здравјето на децата, населението и на домашните животни кои може да бидат и ланец на некоја заразна болест која може да се прошири во домаќинството, посочувајќи дека заразните болести може да бидат разни, поради бактериите, паразитите и вирусите во фецесот. Тие потоа, индиректно може да заразат голем број на луѓе, објаснува тој.

Во време на светска пандемија, како што е моментално, Кочубовски се согласува дека јавни тоалети се потребни, но истакнува и дека нив им е потребно добро одржување.

„Треба да има задолжено лице кое е платено за тоа и редовно да се врши хигиена, значи општа хигиена и да можат граѓаните кои ќе ги користат да имаат услови да се измијат и да направат со вода и сапун и после да имаат и дезинфекција да спроведат. Значи тоа мора, посебно во услови на пандемија секако“, вели тој.

Оттука тој заклучува дека јавните тоалети не може да се остават на свеста и совеста на граѓаните, туку дека нив некој мора да ги одржува и чисти.

„За среќа па кај нас, кога ќе влезете во некој ресторан или кафуле, обично не прават проблем, ако човек има потреба неодложна. За разлика од други земји каде што тоалетите се заклучени, па со шифра, па морате да пиете или да јадете, кај нас не е така, така да може да ги користите“, посочува тој.

Во случај граѓанин да врши физиолошки потреби на јавен простор пак, и доколку биде затекнат од полициски службеник, него евентуално му се заканува глоба во износ од 50 евра според Законот за јавна чистота.

Мартин Колоски