ИЈЗ: Намалување од 8.7% на бројот на новозаразени со Ковид-19

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вчера информираше дека во периодот од 8 до 14 август е регистрирано намалување од 8.7% на бројот на новозаразени со коронавирус во споредба со претходната недела. Регистрирани биле 3.477 нови случаи од 34 градови, а процентот на позитивност се движи од 33.4% до 49.4% или просечно 43.6%.

Во истиот период биле тестирани вкупно 7.682 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, односно намалување од 23.7% во однос на минатата недела, кога биле тестирани 10.073 материјали.

„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 1.411 или 40.6%. Највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци 417.4 случаи на 100.000 граѓани, Неготино 390.2 случаи на 100.000 граѓани и во Охрид – 335.5 случаи на 100.000 граѓани. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години – 1.324 случаи или 38.1%. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 10-19 години – 135 или 3.9%. Во однос на претходната недела, се регистрира намалување кај сите возрасни групи (со најзабележително намалување од 22,2% во возрасната група 0-9 години“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Во периодот од 8 до 14 август, пријавени се 16 смртни случаи, односно идентично како минатата недела. Најголем број од починатите се од Скопје – 6, а пријавени се и 3 смртни случаи од Охрид, 2 од Струга и по еден смртен случај од Ресен, Велес, Богданци, Крива Паланка и Радовиш, посочуваат од ИЈЗ.

Во однос на возрасната група, сите починати се над 60 години, додаваат од ИЈЗ и велат дека сите пријавени случаи се починати во болнички услови, а кај 15 се регистрирани коморбидитети.

Во текот на минатата недела пак, со статус „оздравени“ се стекнале 3.750 лица во хоспитални услови или на домашно лекување, односно 16.9% помалку во споредба со минатата недела кога оздравеа 4.510 лица.

Пријавени се 729 реинфекции во истиот период, односно ова претставува намалување од 10.8% во однос на претходната недела, кога имаше 817 реинфекции.