За третина помалку новозаразени и починати од Ковид-19 изминатава недела

Изминатава недела регистрирано е намалување за една третина на бројот на новозаразени и починати лица од Ковид-19 во Северна Македонија, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Во периодот од 28 февруари до 6 март регистрирани биле 2.504 нови позитивни случаи на вирусот во 34 градови од државата, што е намалување од 32,5% споредено со неделата претходно. Во истиот период регистрирани биле и 44 смртни случаи, што претставува намалување од 35,3%.

Од ИЈЗ соопштија дека повеќе од половина од регистрираните случаи биле од Скопје (56,6%), додека највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, Скопје и Демир Капија.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 6 години (28,2%), додека најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (4,1%). Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 46,9% во возрасната група од 0-9 години.

Од пријавените 44 починати лица 42 биле на возраст над 60 години, а по едно починато лице било регистрирано во возрасната група од 40-49 и 30-39 години.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 372 реинфекции, со намалување за 31,5%  во однос на претходната недела.

Од ИЈЗ информираат и дека заклучно со 05 март, вакцинирани се вкупно 871.082 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 850.803 лица, а со трета доза се вакцинирани 144.391 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.