Скопски семафори ги заглавуваат пешаците на 40°C

Фотографија на повозрасна госпоѓа која со својот бастун поминува пешачки премин во скопски Аеродром, додека е запалено црвено светло на семафорот, предизвика голем број негативни реакции откако минатиот месец беше објавена на социјалните мрежи.

Граѓани, но и дел од медиумите кои ја пренесоа фотографијата, го критикуваа пешакот поради случката, но, имаше и такви кои за оваа случка вината ја лоцираа во сообраќајната политика на надлежните институции.

Првиот проблем е што одредени семафори за пешаци, на фреквентните локации во градот, се премногу кратки за да се поминат на зелено светло со просечна брзина на движење.

Радио МОФ изминатиов период регистрираше неколку такви места. Оваа ситуација е можеби најочигледна на раскрсницата меѓу улиците „11 Октомври“ и „Кочо Рацин“, кај Црвениот Крст. Зеленото светло за пешаците трае околу 9 секунди, што често не е доволно да се помине ни половина од улицата долга 20-тина метри.

Невозможно беше на зелено светло да се помине и целиот пешачки премин на булеварот „Илинденска“ кај Зоолошката градина, како и на булеварот „Партизански одреди“ кај Сити Мол.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

Вториот проблем е што на голем број локации низ Скопје, пешаците „заглавуваат“ во средината на пошироките булевари поради разликата во моментот кога се вклучува зелено светло на првиот и вториот семафор.

Во објава поттикната од фотографијата на госпоѓата која поминува на црвено светло, од иницијативата „Ина Еден“ велат дека на таа локација пешаците трошат скоро три пати повеќе време во споредба со возилата во чекање црвено светло.

„Како пешак чекаме 55 секунди за да се запали првото зелено светло и уште 42 секунди до второто зелено светло или вкупно 97 секунди. Значи ако во овие пеколни жештини сте седнат во автомобил со клима чекате 35 секунди и поминувате. Ако сте пешак, на овие пеколни жештини чекате 97 секунди. Како ви изгледа? Кого фаворизираат сообраќајните политики? Кој навистина треба вистински да биде на ѕидот на сообраќајниот срам?“, објаснуваат од „Ина Еден“ во својата објава.

За сличен проблем алармираат и од иницијативата „На Точак“, кои пресметаа дека се потребни вкупно три минути за да се поминат двата пешачки премини преку „Партизанска“ кај Градежниот факултет. Времетраењето на зеленото светло е сведено на минимум, а црвеното на максимум, што според иницијативата е особено недостоинствено за граѓаните во овој период на многу високи температури. „На Точак“ додаваат и дека семафорскиот систем воопшто не води сметка за луѓе кои поради возраста или пречки во движењето имаат позабавено движење.

„Како се чувствувате кога на 59 степени вжештен асфалт, како пешак треба да чекате еден семафор за да поминете само половина од булеварот, а потоа да чекате уште еден семафор за да ја поминете и втората половина? Семафорите не се неутрална технологија која ја регулира безбедноста. Семафорите се програмираат да одговараат на еден начин на превоз или друг, со други зборови – пристрасни се. Во некои градови семафорите се специјално програмирани за да дадат приоритет на јавниот превоз кој се движи во засебни ленти, во други на велосипедскиот. Во Скопје, најголеми права имаш ако си автомобил. Системот е така програмиран за да овозможи поголем проток на возила без воопшто да ги земе предвид пешаците и велосипедите“, порачуваат од „На Точак“.

МВР: Времетраењето на семафорите се утврдува врз математичка пресметка

Со светлосната сообраќајна сигнализација на уличната мрежа стопанисува Градот Скопје, а системот го одржува Јавното претпријатие „Улици и патишта – Скопје“, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Радио МОФ, додавајќи дека сите забелешки кои граѓаните ги имаат во поглед на синхронизацијата на семафорите треба да ги достават до Секторот за сообраќај на Градот Скопје.

Од МВР велат дека при пресметките за зеленото светло за пешаците секогаш се води сметка пешакот кој стапнал на коловозот на зелено светло да може да го помине пешачкиот премин, со просечен од, без да биде загрозена неговата безбедност.

„Времетраењето на црвеното/зеленото светло за пешаците и возачите на светлосните сообраќајни знаци се утврдува врз основа на техничка документација – Основен сообраќаен проект кој го изработува правно лице кое има лиценца за проектирање од областа на сообраќајно – инженерските работи, а истата ја одобрува Градот Скопје по претходно добиена согласност од Министерството за внатрешни работи. Во оваа насока напоменуваме дека во проектната документација времетраењето на црвеното/зеленото светло се определува врз основа на математичка пресметка на циклусот на светлосните сообраќајни знаци, при што се земаат во предвид повеќе показатели како на пример: број на возила по правец (оптовареност на крстосницата), просечна брзина на движење на возилата, заштитно време за возило и слично, а за пешаците: просечен број на пешаци кои го користат пешачкиот премин (оптовареност на пешачкиот премин), должина на пешачкиот премин, просечна брзина на движење на пешак, заштитно време на движење на пешаците и слично“, објаснуваат од МВР.

Дополнително од Министерството велат дека на повеќе крстосници фазите на семафорите ги регулира компјутер.

„На повеќе крстосници во Градот Скопје воведена е електронска  координација на светлосните сообраќајни знаци на начин што времетраењето на фазите на семафорите се регулира софтверски во зависност од оптовареноста на крстосниците со возила и пешаци што се следи со поставен видео надзор на крстосниците. На овој начин е исклучен човечкиот фактор во определувањето на должината односно времетраењето на фазите на поедини правци“, додаваат.

Од МВР посочуваат и дека пешак кој стапнал на коловозот на зелено светло со цел да го помине пешачкиот премин не може да биде казнет ако во меѓувреме се запалило црвено светло.

Од Град Скопје не испратија одговор на нашите прашања до објавата на текстот.

Даниел Евросимоски

Радио МОФ анкета: „Пола младост ми остана на семафори“

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.