Град Скопје за семафорите – Првенство даваме на пешаци и велосипедисти

Со сообраќајната сигнализација во Скопје, првенство на минување секогаш се дава на пешаците и велосипедистите, а во тек е изготвување проект за воведување првенство на Јавниот градски превоз во однос на останатите возила, велат од Град Скопје, во одговорот до Радио МОФ за калибрирањето на семафорите во градот.

Од Градот појаснуваат дека воведувањето на светлосните сигнали на територија на Град Скопје се врши врз основа на претходно одобрен Основен Сообраќаен проект од страна на Град Скопје и СВР – Скопје.

„Екипите на СВР и МВР Скопје во текот на денот извршуваат работни задачи по однос на движење и обезбедување на делегации и одредени високи личности со што може да дојде до одредено пореметување на светлосните сигнали во тој период. Вредно е да се напомене дека со интензивирање на градежната сезона што е случај во изминатиов период, а и во следниот, доаѓа до зголемени гужви по крстосниците и делниците. Ние се трудиме во најбрз можен рок по изведбата на делницата да ја вратиме сообраќајната сигнализација во првобитна положба и да ги синхронизираме светлосните сигнали“, велат од Град Скопје.

Од градот апелираат сите предлози за коригирање на светлосните сигнали да се достават до градскиот сектор за сообраќај. За исправност и контролата се задолжени ЈП „Улици и патишта“, а мониторинг врши и Центарот за управување и контрола на сообраќајот.

Како што веќе објави Радио МОФ, семафорскиот режим во Скопје наидува на бројни критики од пешаците, кои остануваат заглавени меѓу семафорите и на 40C, додека го чекаат зеленото светло.

Скопски семафори ги заглавуваат пешаците на 40°C

Дополнително, реакции имаше и за времетрањето на зеленото светло за пешаци на повеќе потези во урбаниот дел на Скопје.

Радио МОФ анкета: „Пола младост ми остана на семафори“