Скопје со „Фолтин“ се приклучува во одбележувањето на Европскиот ден на музиката

Скопје годинава ќе биде еден од 12-те градови кои ќе го одбележат Европскиот ден на музиката (European music day), при што ќе бидат емитувани онлајн концерти и настапи од голем број светски изведувачи.

Главен организатор на 21-то издание на мацифестацијата „Европски ден на музиката“ е Атина, која во оваа манифестација ќе учествува заедно со 26 други грчки општини, каде што ќе бидат емитувани концерти во живо или специјално снимени за оваа манифестација. Со свои концерти во оваа манифестација годинава се вклучуваат и градовите Скопје, Берлин, Будимпешта, Букурешт, Краков, Истанбул, Манчестер, Милано, Љубљана, Лисабон и Прага.

Претставник на Град Скопје, кои заедно со МКЦ го поддржуваат овој меѓународен музички фестивал, ќе биде составот „Фолтин“.

Настанот ќе се одржи на 21 јуни (недела), ќе биде 10-часовен музички маратон кој ќе биде пренесуван преку Интернет (live-stream) и ќе претставува вистинско музичко патување низ Европа. Сите музички настани ќе бидат емитувани низ светот преку дигиталните канали и профили на организаторот (Асоцијацијата Европскиот ден на музиката – European Music Day Association).