Скопје и утрово меѓу петте најзагадени градови во светот

Скопје и денеска е меѓу најзагадените светски градови. Според страницата Airvisual, градот утрово во 8 часот и 30 минути се наоѓаше на петтото место зад индиските Њу Делхи, Колката и Мумбај и главниот град на Пакистан, Лахоре.

Изминатава вечер пиковите во загадувањето на воздухот беа на мерните станици „Карпош“ и „Ректорат“, каде загадувањето со ПМ10 честички беше пет пати над максимално дозволената граница.

Освен во Скопје изминатава вечер загадено беше безмалку на сите мерни станици низ Македонија. Најзагадено изминатава ноќ беше во Струмица и Битола, додека само малку подобра беше ситуацијата во Кавадарци, Куманово, Тетово и Гостивар.

Владата денеска на донаторски состанок, пред претставници и на меѓународните институции, го презентираше владиниот План за чист воздух, со кој за две години треба да се намали аерозагадувањето во Македонија помеѓу 30 и 50 проценти.

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули изјави дека само од Шведската меѓународна агенција за развој и соработка (СИДА), кои имаат предвидено буџет од 2,5 милиони евра, се надева дека ќе се покријат сите мерни инструменти кои не работат или ќе се надградат застарените, а напомена и неколку ИПА проекти кои можат да допринесат за владиниот План.

„Средствата кои доаѓаат во Македонија да не бидат ад-хок туку конкретно да конвергираат кон оваа цел. Зборуваме во исто време кога во Катовице се случува Светскиот самит за климатски промени, каде клучната порака е – заедничка акција. Оваа работа не е ниту само на Владата, ниту само на граѓанските организации, ниту само на деловната заедница, туку заедничка работа на сите чинители“, изјави Макрадули.

Со мерките во Планот и со поддршка од граѓанските организации и јавноста, Макрадули вели дека е убеден во справување со аерозагадувањето.

„Замената на нееколошки средства за затоплување најбрзо може да донесе до резултат. Ме радува што веќе има решенија за замена на старите и дотраени печки на нафта или мазут. Ова не е само еколошко прашање, туку и економско прашање. Пример е градинката во Општина Центар, каде годишно за нафта се трошат 18 илјади евра, а кога затоплувањето ќе се замени со инвертори сметката ќе се намали на околу 3,5 илјади евра“, рече заменик министерот.