Скелет на диносаурус што живеел пред 77 милиони години е продаден за 6 милиони долари во САД

Древен и редок вид на скелет од диносаурус беше продаден на аукција во САД  за шест милиони долари.

Станува збор за фосил од видот Горгосаурус, кој чекорел на земјата пред 77 милиони години и е далечен роднина на озлогласениот и смртоносен Тираносаурус рекс, чиј скелет беше откриен во 2018 година.

Оваа е втора зделка за продажба на фосилен скелет на диносаурус чија аукција ја имаше компанијата „Sotheby’s“. Првиот, Тираносаурус рекс беше именуван како Су и беше продаден на Филд музејот во Чикаго во 1997 година за 8,36 милиони долари.

Купувачот на Горгосаурусот е анонимен и сега тој има право да го именува по желба скелетот на овој еднократен предатор.

Фосилот бил откриен на приватен имот во Монтана, САД. Тој е изграден од 79 коскени елементи, висок е 3 метри, а долг 6,7 метри.

Рекордот за најскапо купен фосилен скелет на диносаурус е 31,8 милиони долари, што го откупи анонимен купувач во 2020 година.

Некои од научниците се загрижени за овој се` почест тренд на продажба и купување фосилни скелети што постои на приватниот пазар.

„Скелет како овој е дел од нашето колективно природно наследство, остаток од минатото на Земјата што е важно за сите нас“, изјавил за „Би-Би-Си“ Дејвид Поли, професор на Универзитетот Индијана.

Тој верува дека ваквите остатоци треба да се изучуваат и да припаѓаат во јавни музеи каде луѓето ќе може да ги гледаат.

Грегори М. Ериксон, професор по анатомија и ветеринарна палеобиологија на Универзитетот Флорида Стејт рекол дека ваквата продажба и аукција праќа порака дека овие скелети се уште еден предмет што може да се купи со пари наместо да служи за научни цели.

„Сепак, луѓето уште од детството се вљубени во диносаурусите, па можеме да видиме зошто ги купуваат нивните скелети“, објаснува тој.