Научниците веруваат дека имаат увид во последниот ден на диносаурусите, откако е откриен фосил на диносаурус кој починал на тој ден, пренесува „Гардијан“.
Совршено зачуваната диносауруска нога има остатоци од кожа и се верува дека датира од денот на истребувањето на диносаурусите, кога пред 66 милиони години астериод ја погодил планетата Земја, велат експертите, а временската проценка се базира врз пронајдените остатоци од ударот.
„Ова е потполно откачено“, изјавил Филип Манинг, професор по природна историја на Универзитетот во Манчестер. Гостувајќи во радиската програма на „Би-би-си“, тој истакнал дека ногата на диносаурусот од видот Тецелосаурус, била пронајдена во Северна Дакота.
„Временската рамка која ја откривме на оваа локација е над сите наши најдиви фантазии. Ова е неверојатно и прекрасно. Во целата моја кариера не сонував дека ќе пронајдам нешто толку зачувано од забот на времето, кое раскажува неверојатна приказна“, додал Манинг.
Ископувањето на фосилот било снимено за „Би-би-си“ документарец насловен „Диносауруси: Последниот ден со Дејвид Атенборо“, каде Атенборо ги рецензира фосилните пронајдоци.
„Кога Атенборо ја погледна ногата, се насмевна и кажа ‘ова е неверојатен фосил’, а јас се согласив“, истакнал Манинг.
Професорот истакнал дека бил пронајден и фосил од риба која ги вдишала остатоците од ударот на астероидот, што се случил на 3000 километри од локацијата.
Фосилите и присуството на други отпадоци што врнеле одреден период по ударот на астероидот им овозможиле на научниците да ги датираат пронајдоците многу попрецизно од стандардните техники со јаглерод.