Пронајден совршено зачуван ембрион од диносаурус во Кина

Илустрација од пронајдениот ембрион

Научници објавија дека е откриен совршено зачуван ембрион од диносаурус, кој е стар најмалку 66 милиони години. Ембрионот се обидува да се „испили“ од јајцето, на ист начин како денешните кокошки.

Гардијан“ пренесува дека фосилот е откриен во реонот Ганжу, во јужна Кина. Јајцето припаѓало на единка од видот беззаб Теропод диносаурус, или Овирапторосаур. Истражувачите го крстиле ембрионот „Бебе Јинглијанг“.

„Ова е најдобро сочуван ембрион од диносаурус некогаш пронајден“, изјавил професорот Фион Вајсум Ма, истражувач на Универзитетот во Бирмингхем.

Професорот Ма и неговите колеги го пронашле бебето Јинглијанг со главата под телото, со нозете расчекорени на двете страни, поза која претходно не била забележана кај диносаурусите, а е слична кај сегашните птици.

Оваа поза е контролирана од централниот нервен систем. Кога пилињата се подготвуваат за испилување тие ја штитат главата со десното крило за да може безбедно да го скршат јајцето со клунот.

„Ваквиот пронајдок сведочи дека однесувањето на сегашните птици најпрво потекнало од нивните предци, диносаурусите“, изјавил професорот Ма.

Овирапторосаурусите, што значи „гуштерски крадци на јајца“, биле перјасти диносауруси кои живееле во денешна Азија и Северна Америка во доцниот Креда период.

„Бебето Јинглијанг“ е долго околу 27 сантиметри и лежи во јајце долго 17 сантиметри во Природонаучниот музеј „Јинглијанг Стоун“.

Истражувачите сметаат дека ембрионот е стар помеѓу 72 и 66 милиони години и веројатно бил зачуван од ненадеен одрон од кал што го закопал јајцето, заштитувајќи го.

Доколку се испилил, ембрионот би достигнал големина од два до три метри како возрасна единка, а би се хранел со растенија. Примерокот бил еден од бројните фосили од јајца кои со децении биле заборавени во складиштата.

Истражувачкиот тим се посомневал дека фосилите можеби содржат неродени единки, па отстраниле дел од лушпата на јајцето и го откриле ембрионот на „Бебето Јинглијанг“