Масовно тестирање и затворање на делови на Пекинг поради коронавирусот

Кинеската престолнина Пекинг денеска започна со тестирање на милиони жители и затворање на станбени и деловни области поради зголемувањето на бројот на новозаразени со Ковид-19, јавува „Радио Слободна Европа“.

Досега, во градот од 21 милион жители, откриени се 70 случаи на Ковид-19 од петокот, а властите презедоа екстремни мерки за да го спречат понатамошно ширење на вирусот.

Жителите остануваат дома и прават резерви на храна како заштита од можноста за нов карантин, што се случи во повеќе градови, вклучително и во Шангај.

Шангај е затворен повеќе од две недели, а таму се пријавени повеќе од 19.000 новозаразени и 51 смртен случај во последните 24 часа.

Во меѓувреме, во центарот на Пекинг се формираа долги редови пред супермаркетите. Граѓаните купуваа ориз, тестенини, зеленчук и други прехранбени производи. Државните медиуми објавија извештаи во кои се наведува дека Пекинг има залихи, и покрај зголемувањето на продажбата.

Градот нареди масовно тестирање во округот Чаојанг, каде се откриени 46 случаи. Повеќе од 3 милиони жители на областа, како и граѓаните кои работат таму, треба да бидат тестирани во понеделник, среда и петок.

Во текот на ноќта и во утринските часови во округот Чаојанг поставени се местата за тестирање во станбени комплекси и деловни згради.