Симеонов и Чемерски – изложба на двајца сликари и пријатели

„Ова е изложба на двајца пријатели, две генерации, двајца браќа и по живот, и по кафани, и по сликарство. Јас се изградив кај него како сликар, буквално од негово ателје се пишав на Ликовна академија, заедно работевме на куп различни проекти, а Гиче во целиот процес дополнително се изгради како плоден човек. Заедно функциониравме, заедно си помагавме“.

Вака академскиот сликар Владимир Симеонов, со голема гордост, за Радио МОФ ја најавува заедничката изложба на слики и цртежи со Глигор Чемерски, која од денеска во наредните две недели ќе биде поставена во галеријата „Грал“.

Флаер за изложбата во „Грал“

Глигор Чемерски – Гиче е еден од најпознатите современи македонски уметници, доајен на македонското сликарство. Гиче имаше исклучителното плодно творештво. Низ самиот скикарски полет, но и по смртта остава бројни уметнички белези, кои генерации граѓани ќе ги следат преку изложби, документи и учебници.

Чемерски во окото на јавноста беше сликар, цртач, вајар, мозаичар, боем.. Уметник кој со отворени гради ја живее уметноста. Човек кој сади уметност, за да израсне нова уметност – за задржување на светлините на занаетот, истовремено за задржување напредна мисла и здрав разум.

Сименов беше дел од таа уметничка приказна.

Сликарите Менсур Бојда, Владимир Симеонов и Глигор Чемерски (од лево кон десно)

„Ние соработувавме на десетици проекти, успешни и неуспешни, поднесувавме скици, конкурси… Кај него функционирав како асистент, пред се’ на реализација на мозаици. Негови беа скиците, а моја беше техничката организација, редењето. Прв беше дел од мозаикот во Кочани во 2004 година“, се присетува Симеонов за работата околу Споменикот на слободата – монументалниот споменик изграден на ридот Локубија, во неговиот роден град Кочани, кој бараше поправки поради оштетувањето.

Заедно со тим работеа и на мозаикот во претседателската резиденција, а Симеонов беше асистент и на двете големи изложби на Чемерски во Даут-пашин и Чифте амам.

Глигор Чемерски и Владимир Симеонов

„За оваа изложба, направена е селекција од цртежи и слики, по десеттина од двајцата, што ни се одамна, практично каде и двајцата имаме учествувано. Односно, Гиче има учествувано во некои мои серии, а јас во скици што ги правевме заедно и слично. Изложбата нема да има класично, свечено отворање, со говори, туку денес од 10 часот ќе ги наместиме сликите во ‘Грал’ и ќе си стојат изложени. Две недели. И за посетители, љубители на уменост, и за купци, колекционери… За сите“, објаснува Симеонов.

Изложбата симболично се вика „Две седмици, две генерации“. Многу од делата, сликите досега не се излезени ниту од ателјето на Симеонов, ниту од ателјето на Чемерски.

Инаку, Владимир Симеонов е академски сликар од Кочани, која досега реализираше повеќе самостојни и групни изложби. Има работено мурал, фрескопис, мозаици, концервација и реставрација на повеќе монументални проекти. Учествуваше и на ликовни колонии. Во 2011 е добитник на наградата „Петар Мазев“ од ДЛУМ. Од 2009 година работи често во Стоби, па скоро цела деценија го слика и паунот, едно од обележјата на локалитетот, кој стана претпознатлив и за Симеонов.

Бојан Шашевски