Сиднеј по 107 дена го прекина карантинот

Кафулињата, вежбалните и рестораните во Сиднеј денеска по речиси четири месеци ги отворија вратите за гостите кои се вакцинирани против коронавирусот, затоа што Австралија постепено се отвора благодарение на се поголемиот број целосно вакцинирани граѓани, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Некои пабови во најголемиот австралиски град ги отворија вратите во понеделникот веднаш на полноќ, бидејќи многу гости дојдоа на полноќна пијачка, како што се гледа на телевизиските снимки и фотографиите на социјалните мрежи.

„Мислам дека сите низ државата се прилично возбудени поради изминатите 100 дена“, рече премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перотет.

Повеќе од пет милиони жители на Сиднеј беа затворени во строгиот карантин кој започна во јуни, со цел да се спречи ширењето на многу заразната делта варијанта на вирусот, која тогаш се прошири на Мелбурн и главниот град Канбера, што доведе до сериозни анти-пандемски мерки и во тие градови.

Перотет ги повика граѓаните на Сиднеј да не претеруваат со возбудата поради крајот на карантинот и предупреди дека бројот на заразени ќе се зголеми по повторното отворање.

Според олеснетите правила, 10 целосно вакцинирани лица може да се соберат по домовите, додека 100 лица може да присуствуваат на свадби и погреби.

Малопродажните места може да се отворат со намален капацитет бидејќи државата се обидува да достигне стапка на вакцинација од 80 отсто до крајот на октомври, кога ограничувањата дополнително ќе се олеснат. Сепак, невакцинираните граѓани мора да останат дома до 1 декември.