Шведска ќе депортира 106-годишна слепа бегалка

Бибикал Узбек, која имала 105 години кога побегнала од Авганистан, веројатно е најстарата барателка на азил во светот. Старицата е слепа и не може да оди, но Шведска го одби нејзиното барање за азил.

Синот и внуците ја носеле Узбек на грб додека поминувале низ планинските патишта од Кундуз, североисточен Авганиста, преку Иран и Турција, со надеж дека ќе најдат засолниште во Европа во 2015 година.

Узбек, која за неколку години треба да наполни 107 години, беше одбиена од страна на Шведската агенција за миграција и мора да се врати во Авганистан.

Агенцијата смета дека родниот град на семејството, Кундуз, сега е доволно безбеден за сите да се вратат дома.

Узбек добила статус на бегалец во областа Скараборг на западниот брег на Шведска. Еднаш претходно и била одбиена апликацијата за азил во јуни, по што имала мозочен удар и сега е неподвижна, не гледа и не може да зборува.

Семејството вели дека таа физички нема да може да го издржи патувањето до Авганистан, поради што поднеле жалба да останат во Шведска до нејзината смрт.

„Не разбирам зошто. Сто и шест години. Не гледа, не зборува, не оди. Таа е болна. Не разбирам зошто би ја одбиле?“, вели нејзиниот внук Мухамед Узбек.

„Во Авганистан има војна и смрт, има проблеми со талибанците и со ИСИС. Не сфаќам зошто би сакале да се вратиме. Многу луѓе починаа годинава“, додава тој.

Од Шведската агенција за миграција, велат дека староста не е причина за одобрување на азил.