Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично. 

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Владимир Јанковски, добитник на „Роман на годината“: Луѓето се постојано пред екран, ама не се таму за да читаат книги

„Мноштво од приказни, многу од нив за нашата внатрешност, а уште повеќе за нашата надворешност.“

Вака, во една реченица писателот Владимир Јанковски го опишува својот роман „Скриени желби, немирни патувања“, за кој вечерва ќе му биде доделена наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“. Поводот го искористивме за да поразговараме за наградениот роман, за литературата и хиперпродукцијата на текстови, но и за односот на младите и општеството кон пишаниот збор.

2. Позитивните на брзите Ковид-19 тестови од аптеките надвор од системот – оставени на својата совест

Брзи тестови за Ковид-19 / фото: Радио МОФ

Граѓаните кои добиле позитивен резултат на брзите тестови за коронавирус кои се купуваат во аптеките, доколку не направат ПЦР тест или брз тест преку сертифицираните лаборатории низ државата, нема начин како да добијат решение за изолација. Со ова тие се практично оставени на својата совест да се изолираат за да не го шират вирусот. Од Министерството за здравство велат дека е потребно дополнително да се потврди резултатот во сертифицираните лаборатории, но граѓани се жалат дека нема доволно термини за тестирање.

3. Доктор Горан од Инстаграм: Во Македонија имав повеќе време за одмор, но многу помалку напредував

Доктор Горан Трајковски е специјализант по интерна медицина во Баварија, кој за краток период стана еден од најпопуларните македонски доктори на оваа социјална мрежа, со над 36 000 следбеници. Тој на својот Инстаграм профил @doktor.goran редовно објавува содржини од областа на медицината и пандемијата, едуцира и анимира, давајќи им место на науката и фактите наспроти дезинформациите.

Во кусо интервју за Радио МОФ, тој раскажува за својата мотивација да се биде присутен на социјалните мрежи, за медицината во Македонија и Германија, како и за животот по медицинските ходници.

4. Бркани од онлајн групи, исмевани и изолирани – Пандемијата поттикна дигитално насилство меѓу младите

Илустративна фотографија: Startup Stock Photos / Pexels

На околу 65 отсто од децата им недостасува училиштето, но не делот каде што се учи, туку оној каде што се дружат со пријателите. Социјалните активности генерално, како и поголема слобода е она што најмногу им недостасува на младите, покажа најновото истражување на Првата детска амбасада Меѓаши.

Податоците за истражувањето биле собрани во текот на месец јуни и јули годинава, а во него учествувале 1231 дете од целата територија на државата. Од нив, 58,1% се девојчиња и 40,3% се момчиња, на возраст од 10 до 18 години. Главна идеја било да се покаже како се чувствувале младите во текот на кризата, но и што од утре.

5. Од септември повторно во училиште, Владата одлучи наставата да започне со физичко присуство

Владата одлучи учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство со полн капацитет, по предлог на Министерството за образование и наука, а со одобрување на Комисијата за заразни болести.

Тоа значи дека од 1 септември сите ученици од прво до деветто во основно и учениците во средните училишта ќе се вратат во училишните клупи, откако минатата учебна година на настава физички присуствуваа само учениците до трето одделение и повозрасни ученици во училишта каде имаше услови за физичка настава.