Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ ги издвојува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што издвоивме од изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. [Инфографик] Самоубиства, превенција и етичко известување

Додека голем број медиуми во детали известуваа за две млади лица кои неделава си го одзедоа ѓивотот, Радио МОФ анализираше колкава е стапката на самоубиства во земјава и како може да се превенира. Овој случај повторно покрена дискусија во јавноста за превенцијата од самоубиства, стигмата за менталното здравје, но и сензационалистичкото пренесување во медиумите.

Во периодот од 2008 до 2020 година, просечно во Северна Македонија се случуваат 134 самоубиства годишно, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Мажите се скоро три пати повеќе склони кон самоубиства.

2. „Го планираме животот според рестрикцијата“ – дефектите и несовесноста ги празнат чешмите

Високите температури ја зголемија потребата за вода за пиење и разладување. Но, што кога неа ја нема?

Со вакво нешто години наназад се соочува Тетово. Неговите жители иако своите залихи на вода ги добиваат од природните извори на Шар Планина, а од пред неколку години e пуштен во употреба е и новиот водовод, на крај повторно се соочуваат со рестрикции. Понекогаш тоа се случува и во најкритичните периоди од денот.

„Се снаоѓаме само со планирање на животот. Гледаме наутро да ги завршиме сите потреби што ги имаме со вода, за чистење и миење садови. Ги полниме резервите во шишиња и го планираме животот според рестрикцијата“, си се пошегува тетовецот Перо Наумовски на своја сметка.

3. [Фото] Со гужви и турканици започна вакцинацијата против Ковид-19 без закажани термини

Од почеткот на оваа недела, на вакцини може да се отиде на сите вакцинални пунктови во земјава, без закажување. Сепак, ова доведе до гужви и турканици пред дел од здравствените установи каде се врши вакцинација.

Така, стотина граѓани во понеделникот дојдоа пред вакциналниот пункт на скопската Поликлиника „Букурешт“…

4.Само Тетово од поголемите градови нема јавни тоалети – таму каде што има, граѓаните се жалат на условите

За време на летен одмор, и среде актуелна пандемија, Радио МОФ истражуваше што се случува и колку навистина постојат јавни тоалети во поголемите македонски градови.

На социјалните медиуми граѓаните често наидуваат на фотографии на кои се гледаат деца, но и повозрасни лица како вршат физиолошки потреби на јавни простори низ градовите. Таквите објави пак се проследени со осудувачки коментари, но граѓаните и често адресираат дека во градовите не постојат јавни тоалети кои може да се искористат, и дека тие не се одржуваат, за да се избегнат такви ситуации.

Радио МОФ преку Инстаграм анкета ги праша корисниците за тоа дали користеле јавни тоалети и какви биле условите во нив. Повеќемина од нив коментираат дека условите во јавните тоалети каде што биле се во ужасна состојба, други пак коментираат дека не ги користат, туку одат во кафулињата и на бензинските пумпи.

„Единствено сум влегол во парк до кафичот до езерцето, кој е во ужасна состојба“, коментира еден од корисниците.

„Трауматично и гадно секаде. Нечисто и манијаци има“, коментира друг корисник.

5. Здруженија сакаат да се обединат во национална служба за спасување на планина – за ДЗС системот функционира

Северна Македонија нема централна и унифицирана национална служба за интервенирање и асистирање на планина. Единствената 24 часовна служба – Планинската спасителна служба (ПСС) делува локално во рамки на Црвениот Крст во Охрид, на ниво на проект. Слични тимови на волонтери кои работат на ова поле има на повеќе места.

Кога се работи пак за државните тимови, нив ги има при Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и се лоцирани во Тетово, Битола и Штип. Оттаму тврдат дека ја покриваат целата територија на земјава, додека помали тимови има и во Армијата и Министерството за внатрешни работи. Сепак, за да се подобри целиот систем кој во моментов, меѓудругото е зависен од волонтери и активисти, здруженијата сами оформија Национален сојуз за планинско спасување.