[Фото] Со гужви и турканици започна вакцинацијата против Ковид-19 без закажани термини

Стотина граѓани утрово дојдоа пред вакциналниот пункт на скопската Поликлиника „Букурешт“ откако денеска започна вакцинацијата против Ковид-19 низ земјава без потреба од закажан термин.

На пунктот можеше да се забележи голема гужва и турканици, а луѓето не беа организирани во редица со одржување соодветна физичка дистанца помеѓу себе.

Од Министерството за здравство вчера соопштија дека граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза вакцина ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените, домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи. Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина.

Во Скопје вакцинирање без закажан термин, ќе има во поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Чаир“, кои ќе работат од 7:30 до 19:30 часот, а денеска беше отворен и вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот.

За вакцинација потребно е граѓаните само да имаат документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат нивните податоци и да бидат евидентирани во ситемот „Мој Термин“.

Од денеска исто така започна и теренската вакцинација низ помалите македонски населени места каде преку мобилни пунктови на граѓаните ќе им биде овозможено да се вакцинираат и ревакцинираат.

Здравствените власти апелираат до граѓаните што помасовно да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација.