МЗ: Од денеска трета доза вакцина на сите вакцинални пунктови без закажување термин

Почнувајќи од денеска, со трета доза вакцина можат да се вакцинираат здравствените работници, граѓаните над 60 години и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена состојба, а кај кои има поминато 6 месеци од примената ревакцина, информираше денеска Министерството за здравство (МЗ).

Трета доза вакцина, како што додаваат тие можат да примат и граѓаните кои се вакцинирале во странство.

„Тие, задолжително на вакциналните пунктови, претходно ќе мора да приложат валиден документ од примените две дози вакцина, како би биле евидентирани во националниот систем Мој Термин. Трета доза вакцина може да се прими без да се закажува термин, како што е и за првите две дози. Вакцинацијата со трета доза се спроведува на сите вакцинални пунктови во државата, каде во тек е вакцинација и ревакцинација“, се додава во соопштението на МЗ.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно најави дека вакцинацијата со трета доза ќе се врши исклучиво со вакцина од производителот „Фајзер“.

Одлуката за третата бустер доза ја донел Комитетот за имунизација, по препораките на Американската агенција за лекови и ЕМА, како и анализите на кои се работело во изминатиот период за тоа кои лица треба да примат трета доза вакцина.