„Го планираме животот според рестрикцијата“ – дефектите и несовесноста ги празнат чешмите

Високите температури ја зголемија потребата за вода за пиење и разладување. Но, што кога неа ја нема?

Со вакво нешто години наназад се соочува Тетово. Неговите жители иако своите залихи на вода ги добиваат од природните извори на Шар Планина, а од пред неколку години e пуштен во употреба е и новиот водовод, на крај повторно се соочуваат со рестрикции. Понекогаш тоа се случува и во најкритичните периоди од денот.

„Се снаоѓаме само со планирање на животот. Гледаме наутро да ги завршиме сите потреби што ги имаме со вода, за чистење и миење садови. Ги полниме резервите во шишиња и го планираме животот според рестрикцијата“, си се пошегува тетовецот Перо Наумовски на своја сметка.

Кај нив рестрикциите на вода некогаш започнуваат по полноќ и може да траат до 6 часот наутро. А во текот на денот, се случувало да нема од 9 часот наутро до пладне и од 16 до 18 часот попладне.

Од ЈКП Тетово во изјави за медиуми велат дека градот во моментов се снабдува со 400 литри вода во секунда што според нив се доволни за нормалните потреби. И додека упатуваат апели до несовесните граѓани кои ги мијат улиците со вода за пиење или ги пуштаат чешмите за разладување, во исто време граѓаните се жалат на дотраена водоводна мрежа.

„Во Тетово проблем е старата инсталација. Едно е да нема доволно вода, па рестрикциите да се неминовни, а друго е да има доволно вода и сепак да има рестрикции заради причини од технички карактер“, вели Наумовски.

Преку социјалните мрежи, ЈКП Тетово информира кога нивни екипи поправаат дефект

„Многу жители поучени од овој проблем, имаат инсталирано помошни резервоари за вода. Многу згради имаат и соодветни хидрофорски станици кои вршат работа. Меѓутоа, како што зградите се постари и не се одржува таа хидрофорска мрежа, луѓето кои живеат во урбаниот дел на градот и кои живеат во особено високи згради, тие се на најголем удар. Тие немаат услови кога се во стан на четврти спрат да инсталираат таква опрема и не им функционира како што треба хидрофорот“, додава тој.

Но, проблемите на Тетовци не се нови и непознати. Само годинава имаше два поголеми дефекти кои ги оставија жителите неколку дена без вода. Првиот случај беше кон крајот на февруари, кога активисти обвинија дека за овој проблем вина има и во неконтролираната градба на мали хидроцентрали на локацијата кај Лешница, во близина на новиот систем за снабдување на градската водоводна мрежа. Во март, пак, ЈКП Тетово се правдаше со лизгање на земјиште  кое настанало како последица на земјотрессот кој го погоди мавровскиот регион.

Радио МОФ се обиде да добие одговори од комуналното претпријатие на Тетово, но до објавување на сторијата не добивме одговор, иако ни потврдија дека ги примиле нашите прашања.

И Неготино има долга историја со рестрикции на вода

Неготино и неколку околни населени места со вода за пиење се снабдуваат од регионалниот водовод „Лукар“ од кој се снабдува и населението на Општина Кавадарци. Според договорот што го имаат овие две општини, 75% од водата оди за Кавадарци и 25% вода за Неготино. Па така, минатиот месец, вода за пиење била дистрибуирана до 4.435 домаќинства.

Но, ова не е доволно за неготинци во жешките периоди, кога се случува со часови да немаат вода за пиење. Според податоците на JП „Комуналец“, во Неготино пристига околу 70 литри во секунда вода, што според нив е сосема доволно и секој потрошувач има на располагање околу 350 литри вода на ден.

Сепак, од неготинското комунално претпријатие за Радио МОФ признаваат дека состојбата на водоводната мрежа во градот не е на задоволително ниво. Оттаму посочуваат дека е отпочнато со реконструкција на мрежата на некои улици, но реконструираните водоводни линии сè уште не се во функција.

Просечната старост на водоводната мрежа во градот е околу 40 години и водоводните цевки се од најразличен материјал: азбест цементни, поливинил хлорид, полиетилен и железо.

„Градот се соочува со рестрикции на вода и тоа години наназад, но од година во година тие се се пократки и во определени месеци од годината и тоа во летниот период кога температурите се високи над 35 степени Целзиусови. Во последните години тие рестрикции се во текот на ноќта од 24-04 часот. Во обѕир треба да се земат недомаќинското трошење на вода, посебно во летните месеци бидејќи во градот населението претежно живее во индивидуални куќи со дворови во кои се троши вода за полевање, како и загубите на вода во дистрибутивната мрежа и тоа како резултат на неоткриени дефекти, диви приклучоци и сл.“, велат од ЈП „Комуналец“ – Неготино.

Во последниве две и пол години се случиле речиси 1.000 дефекти на водоводната мрежа. Поточно, во 2019 година, комуналните екипи интервенирале за 339 дефекти, во 2020 имало 347 дефекти, а годинава до крајот на јуни имало 167 дефекти. Како најчеста причина, од ЈП „Комуналец“ ги наведуваат дотраеноста на мрежата и приклучоците, невоедначениот притисок во зоните и хидрауличните удари.

Покрај секојдневните санирање на дефекти, од комуналното претпријатие велат дека во функција е систем за регулирање на притисокот во мрежата со што би требало да се намалуваат хидрауличните удари во мрежата на пониските делови од градот. Покрај ова, од претпријатието информираат дека се реконструираат и водоводни линии и е извршена реконструкција на дел од потисниот цевковод во должина од 500 метри, а изграден бил и нов резервоар за „висока зона“ со зафатнина од 500 м3, на место на стариот кој бил 200 м3.

Рестрикциите се потенцијална опасност за здравјето на човекот 

Светската здравствена организација вели дека за да биде загарантиран квалитетот на вода потребно е да се исполнат четири принципи: исправност и безбедност на вода, да ја има во доволни количини, да ја имаат дома и да нема рестрикции.

Според Михаил Кочубоски од Институтот за јавно здравје, при рестрикции, водоводната мрежа нема вода и се создава вакуум.

„Ако се случи некој дефект на водоводната цевка, вакуумот тогаш ќе усиса сè што е во околината. Ако има истечено нешто или ако има некоја пропусна јама, или фарма, или истурени хемикалии кои со текот на време ќе продрат во почвата. Тие цевки се на одредена длабочина за да има константна температура и да се заштитени од механички оштетувања“, појасни Кочубоски.

Во пракса, не треба да има вкрстување на водата за пиење со канализационата мрежа. Тие цевки треба да бидат доволно одвоени. Но, Кочубоски се потсети на случај во 1988 година во Штип кога имало такво вкрстување на цевките при што се оштетиле. Во исто време имало и рестрикција поради недоволно вода во летниот период и се случило вшмукување на фекална содржина во водоводната мрежа, во која има микроогранизми. Тие можат да бидат патогени и да причинат болести, но и не мора. Сепак, во случајот со Штип предизвикало дезинтерија од која заболеле над 6.000 луѓе. Ваков фрапантен настан оттогаш не се повторил, но опасноста е возможна ако не се внимава. Затоа, по рестрикцијата на вода, Кочубоски ги советува граѓаните:

„Најдобро е да се испушти таа вода кога ќе дојде, да истече две-три минути барем. Или да се собере таа вода за техничка намена, за испирање на тоалетна шолја, полевање во двор итн. Кога ќе дојде чистата вода, тогаш таа може да се користи и за пиење, туширање, готвење…“

Покрај ова, водата се хлорира за да се дезинфицира и со тоа се превенираат штетните ефекти на микроорганизмите.

Европски рекордери во загуби на вода, а Водовод уште паушално наплаќа

Загубите на вода во Северна Македонија лани достигнале дури 61,94 проценти од вкупното количество на произведена вода за пиење. Ова иако е намалување споредено со претходните години, државата руши рекорди на европско ниво, покажува истражување на Мета.

За споредба, податоците на програмата на ЕУ ИНТЕРРЕГ – Централна Европа, покажуваат дека соседна Бугарија со 60 отсто неприходувана вода има најголеми загуби на вода за пиење меѓу земјите-членки на ЕУ. По неа, следува Романија и Ирска, а од земјите од регионов, во Хрватска неприходуваната вода за пиење изнесува 40 отсто, додека во Словенија околу 30 проценти.

За Тетовци клучно би било целосна обнова на водоводната мрежа и соодветна наплата на потрошувачката. Наумовски се сеќава дека ова ветување постојано се провлекува пред локални избори, но решение нема.

„Тоа што се гради под земја не е толку атрактивно за гласачи“, вели тој.

„Ни ставија нови водомери со намера да бидат читани. Колку си потрошил, толку да платиш, а уште паушално фактурираат. Може да трошите колку сакате вода, а вие си плаќате од член на семејство. Тоа е катастрофално. Сите плаќаат еднакво. Нема стимул, тој што троши повеќе да плаќа повеќе и обратно“, реагира овој тетовец.

Тој дури им понудил опција на надлежните преку Вибер да се испраќа состојба на водомерот, но одговорот што го добил е дека тоа не може да се организира.

И Кочубоски смета дека преку наплата или повисока тарифа може да се регулира несоодветното користење на вода.

„Ако едно домаќинство се знае дека за 10 до 20 кубни метри вода плаќа една цена, тоа е регуларна. Потоа, од 10 или 20 нагоре, да плаќа друга цена, зголемена“, смета тој, додека за ранливите категории предлага да има други механизми.

Во однос на водоводната инфраструктура, тој посочува дека јавните комунални претпријатија имаат таканаречен подземен катастар за нивната водоводна и канализациона мрежа според кој би требало да знаат во каква состојба се.

„Треба да се знае колкав е нивниот [на цевките] век на траење. Ако е поставено на таа улица азбестно-цементна цевка, таа има рок на траење од 40 години. Пред да истечат 40 години треба да се смени, да се стави нова“, забележа Кочубоски.

Засега Наумовски и неговото семејство не се осудуваат да пијат вода директно од чешма, туку откако ќе ја прочистат со филтер, иако живеат во град кој се наоѓа во подножјето на богатата со вода Шар Планина, која сега веќе е и национален парк.

Е.П.

*Со овој прилог, Радио МОФ се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.