Тетово повторно без вода откако водоводот во Лешница пукнал по земјотресите

Втор пат за еден месец Тетово се соочува со рестрикции во водоснабдувањето откако лизгање на земјиште го оштетил главниот цевковод во месноста Лешница на Шар Планина од каде градот ја обезбедува водата за пиење.

Според Јавното комунално претпријатие од Тетово, лизгањето на земјиштето настанало како последица на земјотрессот кој го погоди мавровскиот регион пред два дена.

„Моментално водата во градските резервоари драстично се намали во една средна вредност од 150 литри во секунда, исто така за ублажување на оваа ситуација, ЈКП – Тетово ги пушти и активира и четирите бунари во градот Тетово. Со цел еднакво опслужување со вода за пиење во сите критични делови на градот, ве информираме дека од денеска, вторник 16 март, ЈКП – Тетово ќе почне со рестрикција на водата за пиење од 08:00 до 11:30 часот, од 15:00 до 18:00 и после полноќ од 00:00 до 05:00. часот. Оваа рестрикција ќе биде до санирање на дефектот во главната водоводна линија во Лешница“, соопштија од ЈКП-Тетово.

Кон крајот на февруари, поради слични причини граѓаните на Тетово скоро две недели се соочуваа со недостиг на вода. Тогаш активисти обвинија дека за овој проблем вина има и во неконтролираната градба на мали хидроцентрали на локацијата кај Лешница, во близина на новиот систем за снабдување на градската водоводна мрежа.

За проблемот со малите хидроцентрали и опасноста која тие можат да ја имаат по водоснабдувањето во тетовскиот регион Радио МОФ подетално пишуваше на линкот во продолжение:

Малите хидроелектрани закана за Шара, но и за водата за пиење на тетовци