„Шекспир во вселената“ – краток филм по повод 400 години од „Првото фолио“

Филмски режисер испрати портрет на Вилијам Шекспир во вселената, по повод јубилејот од 400 години од издавањето на „Првото фолио“ – збирка на Шекспирови драми, кој се одбележува на 8 ноември. Во портретот е вклучен и текст од „Сон на летната ноќ“.

„Комедии, историски драми и трагедии“ е името на изданието на збирката драми на Вилијам Шекспир од 1623 година. Современите критичари често го нарекуваат „Прво фолио“.

Испраќањето на портретот во вселената е документирано во краток филм, насловен „Шекспир во вселената“, а во филмот, актерот Том Бејкер рецитира дел од познатата шекспирова комедија.

Џек Џуерс, режисерот зад филмот и идеата, снимил вкупно шест филма, а секој од филмовите содржи рецитали од познатите дела на Шекспир.

Со помош на инженери од Шефилд, портретот на писателот бил прикачен на метеоролошки балон и испратен во погорниот слој на Земјината атмосфера.

„Имав замисла за портрет од Шекспир, универзалниот драматург, како лебди во вселената, а во позадина се гледа дел од Планетата земја“, изјавил Џуерс.

Тој посочил дека „Шекспир во вселената“ е првиот од шесте филма посветени на Шекспир, а воедно и најкомплицираниот за изведување.