„Историски момент“ – вселенската сонда на НАСА за првпат помина низ атмосферата на Сонцето

За првпат вселенско летало помина низ надворешната атмосфера на Сонцето, настан кој Американската вселенска агенција (НАСА) го нарече историски момент.

Овој подвиг го постигна вселенската сонда Паркер, која накратко влезе во регионот околу нашата ѕвезда која научниците ја нарекуваат сончева корона.

Овој настан се случил уште во април, но по анализата на податоците дури сега е потврден од научниците, пренесува Би-Би-Си.

Паркер морал да издржи огромна температура и радијација но успеал да собере нови сознанија за начинот на кој Сонцето функционира.

„Исто како што слетувањето на Месечината овозможи на научниците да разберат како таа е создадена, допирањето на Сонцето е џиновски копнеж на човештвото да помогне во откривањето клучни информации околу нашата најблиска ѕвезда и нејзиното влијание на Соларниот Систем“, вели Никола Фокс, директорот на одделот за хелиофизичка наука на НАСА.

Вселенската сонда Паркер е една од најхрабрите мисии кои оваа Агенција досега ги спровела. Леталото е испратено пред три години, а неговата цел е да направи неколку премини покрај Сонцето, дури и на поблиски растојанија.

Сондата се движи со огромна брзина од преку 500.000 километри на час. Стратегијата е брзо да се влезе во сончевата атмосфера и брзо да се излезе оттаму, правејќи неколку мерење на соларната околина со инструментите кои ги има зад дебелиот топлински штит.

На 28 април оваа година Паркер поминал низ таканаречената Алфвен критична граница. Се работи за крајниот слој на короната. Тоа е точка каде соларниот материјал, кој е вообичаено поврзан со Сонцето преку гравитацијата и магнетните сили, се одвојува и слободно се движи низ просторот.

Паркер се соочил со оваа граница на околу 13 милиони километри над видливата површина на Сонцето – фотосферата. Податоците од сондата покажуваат дека таа всушност поминала три одвоени пати низ оваа критична граница.

Научниците се фасцинирани од сончевата корона, бидејќи тоа е местото каде се случуваат некои од најважните процеси кои во моментов немаат објаснување. Едно од нив е она што се чини контра интуитивно на суперзагревањето. Температурата на Сонцето на нејзината фотосфера е отприлика 6.000 степени целзиусови, но во короната оваа температура може да достигне неверојатни милион степени или повеќе од тоа.

Исто така се работи за подрачје каде струењето на наелектризираните честички – електроните, протоните и тешките јони – наеднаш забрзуваат во суперсоничен ветар. Повторно, механизмот и за оваа појава е мистерија за научниците.

„Проблемот е што отпечатоците на физичките процеси кои го покренуваат соларниот ветар се бришат додека тој стигне од сончевата корона до Земјата. Токму тоа е причина зошто го имаме Паркер кој лета низ ова мистериозно подрачје за да ни каже што се случува таму“, објаснува Нур Рауафи, од Лабораторијата Џон Хопкинс за применета физика.

Научниот тим зад мисијата Паркер треба да собере дополнителни податоци од сондата кога таа ќе влезе уште подлабоко во сончевата атмосфера. Евентуално треба да влезе на 7 милиони километри од фотосферата во 2025 година.