Канада воведува закон за астронаути кои би направиле криминал во вселената

Канадските астронаути кои вршат кривични дела на Месечината наскоро можат да се соочат со казни според нов закон кој ја проширува правната јурисдикција во вселената.

Новиот закон кој во моментов е на разгледување во долниот дом на Парламентот практично го проширува канадското законодавство надвор од Планетата Земја. Тоа би значело дека се` што би било нелегално во Канада ќе биде нелегално и во вселената, пренесува Еуроњуз.

Законот ја опфаќа површината на Месечината, како и вселенската станица „Лунар Гејтвеј“, која ќе има клучна улога во пренесувањето на луѓето на Марс.

Канада се има приклучено на проектот „Лунар Гејтвеј“, кој го предводат САД и планираат да придонесат со специјална 8,5 метарска роботска рака која ќе биде поставена на станицата наречена „Канадаарм3“.

Предложениот закон отвара и прашања за тоа дали досега канадските астронаути биле слободни да вршат нелегални активности во вселената, како на пример кражба или насилство врз нивните колеги додека се на своите вселенски мисии.

Како функционираат законите во вселената?

Единствениот долготрајно населен објект надвор од нашата Планета досега беше Меѓународната вселенска станица (ИСС), каде беа воспоставени правила за тоа како да се одлучува кои закони се применуваат во вселената.

Во 1998 година државите вклучени во ИСС потпишаа договор со кои им се дава криминална јурисдикција врз нивните државјани додека се на станицата. Просто кажано, на астронаутите присутни во ИСС се применуваат истите закони како на сопствените држави.

Дополнително, со Договорот за вселената на Обединетите Нации од 1967 година воспоставени се неколку генерални правила за вселенското истражување. Со овој документ се гарантира дека истражувањето на Месечината и други вселенски објекти ќе се користи исклучиво за мирни цели и потенцира дека ниту една држава на Земјата не може да ја присвои вселената.

Првиот вселенски криминал

Прашањето за законите во вселената станаа актуелна тема во август 2019 година, кога американската астронаутка Ан Мекејн беше обвинета дека го извршила првиот вселенски криминал. Нејзината поранешна сопруга, Сумер Ворден, тврдеше дека астронаутката на НАСА злонамерно пристапила до нејзината банкарска сметка додека се наоѓала во орбитата околу Земјата, иако подоцна таа призна дека го измислила ова обвинение.

Сепак, кога е во прашање ваквиот тип на вселенскиот криминал, тоа за експертите е релативно едноставно прашање од правен аспект. Во текст од 2019 година, универзитетскиот професор Рам Џаку тврдеше дека и Мекејн и Ворден биле американски државјани, дека наводното дело се случило во американскиот модул на ИСС и дека опфаќало банкарски сметки во САД, па според него било логично да се применува американското право во овој случај.

Сепак, бидејќи количината на човечки активности во вселената се зголемува, професорот вели дека природата на вселенскиот криминал може да стане многу посложен и да бара посложени решенија.

„Бидејќи човештвото доаѓа до фаза во која луѓето можат реалистично да живеат и да работат во вселената, можеби ќе биде потребен меѓународен централизиран систем на вселенска власт која ќе ги обединува сите нации, поединци и институции вклучени во истражувањето на вселената под еден ист правен систем и јурисдикција“, напишал Џаку.