НАСА ја искритикува Кина откако остатоци од ракета неконтролирано паднаа на Земјата

Кинеска вселенска ракета вчера неконтролирано падна на Земјата, а американските власти ја критикуваа Кина затоа што не споделувала информации околу падот на потенцијално опасниот објект.

Од Американската вселенска команда потврдија дека ракетата „Лонг Марч 5Б“ повторно се вратила во земјината атмосфера над Индискиот Океан, но сите прашања за тоа каде паднале остатоците од леталото и дали има некаква штета ги насочија кон Кина.

Оваа ракета беше искористена минатата недела за да се лансира вселенското летало „Вентиан“, кое го носи вториот од трите модули кои им се потребни на Кина за завршување на новата вселенска станица Тиангонг.

Директорот на НАСА, Бил Нелсон, упати критики до властите во Пекинг, додавајќи дека несподелувањето детали за падот на ракетата бил неодговорен и ризичен.

„Сите нации кои испраќаат објекти во вселената треба да ги следат најдобрите практики и да ги споделуваат овие видови информации однапред. На тој начин се овозможува точно предвидување за ризикот од вселенскиот отпад, особено за тешките летала, како што е „Лонг Марч 5Б“, која носи сериозен ризик за загуба на животи и материјална штета. Тоа е клучно за одговорно користење на вселената и за обезбедување безбедност на луѓето овде на Земјата“, рече Нелсон.

Американската непрофитна организација „Аероспејс Корп“ посочи дека било невнимателно да се дозволи ракетата, која тежи 22,5 тони, неконтролирано да се врати на Земјата.

Минатите недели аналитичарите информираа дека телото на ракетата ќе се распадне додека минува низ атмосферата, но дека објектот е толку голем што бројни делови можат да го издржат падот и да се срушат како дожд од вселенски отпад на површина долга околу 2.000 километри и широка околу 70 километри.

Кинеската амбасада во Вашингтон засега не ги коментираше овие критики. Претходно властите во Пекинг посочија дека внимателно ќе го следат отпадот од ракетата и дека тој претставува само мал ризик за било кој човек на Земјата.